политика, Балкан

Мицкоски од Тирана: Планот за раст е повеќе од иницијатива, тој е заложба за вистинска промена

„Не реформираме затоа што тоа се очекува од нас, туку реформираме затоа што веруваме во европската идеја. Ние ја градиме Европа дома со нашите политики, со нашите дела и со нашите вредности“

Dzihat Aliju  | 21.11.2025 - Обновена : 21.11.2025
Мицкоски од Тирана: Планот за раст е повеќе од иницијатива, тој е заложба за вистинска промена Фото: Olsi Shehu/AA

СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, на Самитот на лидерите од Западен Балкан за планот за раст, во главниот град на Албанија, Тирана, кажа дека Планот за раст е повеќе од иницијатива, тој е заложба за вистинска промена, пренесува Анадолу.

Премиерот Мицкоски имаше обраќање на панел-дискусијата насловена „Исполнување на заеднички обврски, резултати и забрзување“ во рамките на Самитот.

„Тоа е приказна за претворање на заложбата во вистинска промена“, рече Мицкоски, нагласувајќи дека Северна Македонија беше првата земја од регионот што го операционализираше Инструментот за реформи и раст и првата што доби претфинансирање согласно со Планот.

Тој кажа дека нивната реформска агенда, којашто е одобрена и од Европската комисија, се фокусира на добро владеење, чиста енергија, образование, развој на бизнисот и владеење на правото.

Меѓу друго, Мицкоски објасни дека продолжуваат со натамошни реформски чекори во сите сектори, додавајќи дека земјата е меѓу првите партнери од Западен Балкан интегрирани во Единствената еврозона за плаќања (СЕПА).

Тој кажа дека проектот Вај-фај (Wi-Fi) за Западен Балкан (WiFi4WB) се спроведува во 63 општини.

- „Реформираме затоа што веруваме во европската идеја“ -

Мицкоски се осврна и на поврзаноста како врвен приоритет, зборувајќи за модернизацијата на три гранични премини, „Деве Баир“, „Блаце“ и „Богородица“, во рамките на иницијативата Зелени ленти, „со што Европа физички станува поблиска до граѓаните“.

„Вкупно, проекти во вредност од околу 1,1 милијарда евра се во текот на Планот за раст, од кои над половина милијарда се ЕУ грантови“, нагласи Мицкоски.

„Не реформираме затоа што тоа се очекува од нас, туку реформираме затоа што веруваме во европската идеја. Ние ја градиме Европа дома со нашите политики, со нашите дела и со нашите вредности“, рече тој додавајќи дека очекуваат од нивните партери меритократски пристап кој ги наградува резултатите и ја препознава посветеноста.

Премиерот на Албанија, Еди Рама, во Палатата на бригадите во Тирана денес ги пречека лидерите и другите официјални претставници што учествуваат на Самитот - премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, српскиот премиер Ѓуро Мацут, црногорскиот премиер Милојко Спајиќ, вршителот на должноста премиер на Косово, Албин Курти, претседателот на Советот на министри на БиХ, Борјана Кришто, и комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос.

По панел-дискусиите, Рама и Кос одржа заедничка прес-конференција.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.