политика, Балкан

Мицкоски: „Наш приоритет се европските интеграции, но патот треба да биде достоинствен“

„Денес повторно сме исправени пред времиња што бараат храброст и одлучност. Да се обединиме да го направиме вистинскиот избор...“

Elena Trenchevska Chekovic  | 08.09.2025 - Обновена : 09.09.2025
Мицкоски: „Наш приоритет се европските интеграции, но патот треба да биде достоинствен“ Фото: Umeys Sulejman/АА

СКОПЈЕ (АА) - По повод Денот на независноста на Северна Македонија, 8 Септември, под слоганот „Од сон до реалност, за вечност“ во Скопје се одржа свечена академија, јавува Анадолу.

На академијата свое обраќање имаше и претседателот на Владата на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, кој истакна дека 8 Септември е момент на историска пресвртница на народот на земјата, момент на кревање на јарболот на независност.

„8 Септември не е само датум и никако не е случајност, туку континуитет на жедта на еден од помалите народи во Европа и последица на многу битки на тој народ“, истакна Мицкоски.

Тој порача дека врвен приоритет се европските интеграции, но дека патот треба да биде достоинствен.

„Наш приоритет се европските интеграции. Биле, се и ќе останат врвен приоритет, но тој пат не смее повеќе да биде срамен, треба да биде достоинствен. Треба да биде пат во кој што ќе бидеме рамноправни со сите останати европски народи, а не понижени и засрамени како што за жал денес сите од нас се чувствуваме“, рече тој.

Мицкоски упати порака за обединување со цел да се направи вистинскиот избор, порачувајќи дека независноста е жртва, борба и љубов кон земјата.

„Денес повторно сме исправени пред времиња што бараат храброст и одлучност. Да се обединиме да го направиме вистинскиот избор – изборот на работа, изборот на заедништво, изборот на иднината што ќе ја оставиме на нашите деца. Независноста не е само потпис и хартија – таа е жртва, таа е борба, таа е љубов кон оваа света земја. Тоа е аманет од нашите предци, но и завет пред идните генерации. Да се обединиме!“, порача премиерот во своето обраќање.

Денес, Северна Македонија ја одбележува 34-годишнината од својата независност. На референдумот одржан на 8 септември 1991 година, граѓаните гласаа за независност на земјата.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.