Хрватскиот претседател Милановиќ реагираше на посетата на израелскиот министер на неговата земја
„Во момент кога израелската Влада и војска го протеруваат целото население од градот Газа и најавуваат напад врз тој град со милион жители, да се сретнете со член на таа Влада, всушност, претставува поддршка на израелската политика...“

СКОПЈЕ (АА) – Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, реагираше на посетата на израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саар на Загреб, изјавувајќи дека состанокот со него „всушност претставува поддршка на израелската политика на насилство, етничко чистење и воени злосторства“, пренесува Анадолу.
Претседателот Милановиќ излезе со реакција на американската компанија за социјални медиуми Фејсбук во врска со посетата на израелскиот министер за надворешни работи Саар на Загреб.
„Зошто израелскиот министер за надворешни работи беше повикан во Загреб и зошто со него се сретнаа претседателот на хрватскиот Сабор, премиерот на Владата на Република Хрватска и министерот за надворешни работи во Владата на РХ? Во момент кога израелската Влада и војска го протеруваат целото население од градот Газа и најавуваат напад врз тој град со милион жители, да се сретнете со член на таа Влада, всушност, претставува поддршка на израелската политика на насилство, етничко чистење и воени злосторства“, објави тој.
Милановиќ додаде дека Владата на Хрватска треба да ја признае палестинската држава како прв чекор кон постигнување дводржавно решение и траен мир на Блискиот Исток, велејќи дека Владата на неговата земја „им дава поддршка на претставници на израелската власт што недвосмислено стојат зад политиката на војна и насилство“.
„Колку е погрешно да се сретнете со член на израелската Влада покажува и неговата денешна изјава во која тој ја споредува хрватската Татковинска војна со израелската агресија врз Газа! Тоа е навредливо за Хрватска и за сите жртви од агресијата врз Хрватска бидејќи Хрватска се бранеше, за разлика од Израел кој дивее и убива десетици илјади луѓе во Газа. Како тоа да не беше доволно, па во чест на израелскиот министер денес со часови беше блокиран целиот центар на Загреб, што не се случува ниту кога во Хрватска доаѓаат многу поугледни и поважни гости“, истакна хрватскиот претседател.
Инаку, израелскиот министер за надворешни работи Саар денес во рамките на својата посета на Загреб се сретна со хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман.
Саар, на заедничката прес-конференција со Грлиќ Радман, изјави дека признавањето на палестинската држава нема да придонесе ниту за мир ниту за безбедност, туку, напротив, ќе предизвика нестабилност во регионот.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.