живот, Балкан

Лет со единствената жена капетан пилот на Боинг 737 во Северна Македонија

„Без нималку суета можам да кажам дека имам најубава канцеларија на светот“, вели Кајсторовска

Edıta Zekjırovıc   | 14.05.2022
Лет со единствената жена капетан пилот на Боинг 737 во Северна Македонија Фото: Edıta Zekjırovıc/AA

СКОПЈЕ (АА) – ЕДИТА ЗЕЌИРОВИЌ -

Иако авијацијата се смета за индустрија каде што повеќе доминираат мажите, а последните статистики на Институт за пилоти го докажуваат тоа, сепак мал број од 9,02 проценти на жени пилоти храбро полетуваат кон целта со надеж да го исполнат својот сон, летајќи на „немирното“ небо, полно со предизвици, предрасуди и отежнувања.

Во овој мал процент на жени пилотки во светот спаѓа и Катерина Кајсторовска (47) од Северна Македонија.

Кајсторовска заедно со тимот на Агенција Анадолија (АА) полета над Скопје со мал авион, на каков што го започнала школувањето, присетувајќи се на почетоците и раскажувајќи за остварувањето на нејзиниот детски сон, упорноста при школувањето да стане пилотка, како и обуката за „Боинг 737“ во Стокхолм, Шведска.

„Јас сум Катерина Кајсторовска, единствената жена капетан пилот и инструктор на тип Боинг 737 во Северна Македонија. Летам веќе многу долги години. Пасијата за летање ја имам од многу мала. Почнав да летам на свои 15 и пол години, кога татко ми ме однесе во Пилотската академија во Вршац, каде имав среќа да завршам“, вели Кајсторовска.

- Турбуленции при полетувањето кон небото -

Процесот на школувањето за пилот на Кајсторовска траел долго и се одвивал етапно поради околностите што ги донело времето. Првата пречка бил обидот да се запише во средно училиште во Пилотската академија во Рајловац (БиХ) и дознавањето дека таа година не примаат жени што ќе ги школуваат да станат пилоти.

„Животот продолжи понатаму, јас се запишав во гимназија и едно попладне татко ми дојде со весникот ‘Политика експрес’ и ме праша: ‘Кате дали сè уште те држи идејата да станеш пилот?’. Јас реков: ‘Да секако’. Тогаш прочитав дека им се овозможува на жените во ’90 година да бидат дел од Јатовата пилотска школа, којашто е една од најдобрите во светот“, раскажа Кајсторовска.

Своето школување морала да го прекине неколку пати поради војните што се случувале на територијата на Балканот, како и поради предизвикот да обезбеди доволно финансии за самото школување, но ниту еден настан не ја поколебал во нејзината одлука да продолжи да се бори за да стигне до целта.

- Најубава канцеларија во светот -

Кајсторовска вели дека летањето за неа е страст, љубов, чувство на целосна слобода.

„Без нималку суета можам да кажам дека имам најубава канцеларија на светот. Имам канцеларија на 10.000 метри. Ме радуваат изгрејсонцата...“, вели Кајсторовска.

Во долгите години поминати на небото вели дека доживеала интересни случки, прелетала многу километри и стигнала до безброј дестинации, но најубавиот лет засекогаш ќе остане првиот лет.

„Јас кога полетав прв пат сама и кога достигнав некоја височина во школскиот круг, јас почнав да пеам, да се смеам, да плачам, една позитивна еуфорија, бев црвена како булка. Мислам дека во тој момент на 15 и пол години не бев ни свесна што сум направила во животот. Тоа ми е најубавиот лет“, вели Кајсторовска.

Особено ја радува тоа што како пилот ги исполнила целите што ги зацртала и се стекнала со неколку звања во авијацијата, а како незаборавен момент го издвојува и моментот кога ѝ пристигнал мејл за овозможена обука, на како што вели таа ‘Боингот од соништата’.

„'Избрана сте да бидете дел од Катар ервејс и ви се нуди да бидете спонзорирани за обука на Боинг 777’, ау... Toa се моменти кои никогаш не се забораваат во животот“, раскажа Кајсторовска.

- Животот на една жена пилот -

Кајсторовска вели дека животот на една жена пилот воопшто не е лесен, исполнет е со многу предрасуди, дискриминација и недоверба, но дека сето тоа е уште еден мотив таа да биде уште поуспешна и да се бори како нејзините претходнички Сабиха Ѓокчен и Aмелија Ерхарт.

„Професијата е таа, нема разлики, единствено што би кажала е дека жените плаќаат многу поголем данок што се однесува до приватниот живот“, рече Кајсторовска.

Таа упати порака до помладите генерации дека успехот во секоја професија е долг пат со многу предизвици и пречки, но дека ништо не е невозможно доколку доволно се сака, па дури ни небото не е граница.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.