Курти: Косово планира производство на дронови и создавање заедничка единица со Албанија
„За нашата војска, во текот на четиригодишниот нареден мандат, ќе издвоиме буџет од над една милијарда евра. Ќе ја продлабочиме и прошириме меѓународната билатерална и мултилатерална соработка со земјите членки на НАТО.“

СКОПЈЕ (АА) - Техничкиот премиер на Косово, Албин Курти, изјави дека неговата земја планира да произведува сопствени дронови, како и да создаде заедничка воена единица со Албанија, јавува Анадолу.
Курти, на седница на Движењето Самоопределување, на којашто говореше за неговиот следен мандат, рече дека ќе бидат издвоени повеќе од една милијарда евра за Безбедносните сили на Косово и најави развој на воени дронови произведени во Косово.
„За нашата војска, во текот на четиригодишниот нареден мандат, ќе издвоиме буџет од над една милијарда евра. Ќе ја продлабочиме и прошириме меѓународната билатерална и мултилатерална соработка со земјите членки на НАТО. Ќе ја ставиме во функција фабриката за муниција и ќе ја развиваме косовската воена индустрија“, изјави Курти.
Тој додаде дека зајакнувањето на армијата ќе се постигне преку набавка на оружје, обука и образование во рамки на Косово.
„Ќе создадеме заедничка воена единица со Вооружените сили на Република Албанија. Регрутирањето на нови кадети ќе продолжи со забрзано темпо. Нашата цел е во рамки на новиот мандат да имаме 1.000 жени во војската. Ќе се спроведе сеопфатна програма за заштита низ целата земја. Во рамки на оваа програма, секој доброволен резервист ќе има соодветна обука и вооружување во случај на мобилизација“, рече Курти.
Во меѓувреме, Косово потпиша декларација за воена соработка со Албанија и Хрватска на 18 март и започна работа за заедничка набавка на оружје.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.