култура и уметност, Балкан

Косовските бошњачки села ја негуваат вековната традиција на „шминкање на невестата“

Во бошњачките села Доње Љубиње, Горње Љубиње, Манастрица, Мушниково и Плањан, сместени на падините на Шар Планина кај Призрен, невестите, во рамките на традицијата за која е познато дека се применува со векови, целосно ги бојат лицата во различни бои

Eren Beksaç, Lejla Biogradlija  | 04.02.2026 - Обновена : 04.02.2026
Косовските бошњачки села ја негуваат вековната традиција на „шминкање на невестата“ Фото: Eren Beksaç/AA

ПРИЗРЕН (АА) - Во бошњачките села на градот Призрен во јужниот дел на Косово, со векови продолжува да се негува традицијата на шминкање на невестите, која се применува за да се заштитат од урок, пишува Анадолу.

Во бошњачките села Доње Љубиње, Горње Љубиње, Манастрица, Мушниково и Плањан, сместени на падините на Шар Планина кај Призрен, невестите, во рамките на традицијата за која е познато дека се применува со векови, целосно ги бојат лицата во различни бои.

Една од последните претставнички на оваа традиција, што привлекува големо внимание кај домашните и странските истражувачи, новинари и туристи, Азиза Сефитагиќ, за Анадолу изјави дека занаетот за шминкање на невестите го научила од својата свекрва.

Сефитагиќ, која е во 70-тите години од животот, раскажа дека патувала во различни земји низ светот за да ја промовира традицијата. „И во староста ја продолжувам традицијата затоа што е на работ да исчезне. Сакам да продолжи уште многу години. Сметам дека тоа е потребно. Сакам да го предадам знамето на снаата, таа беше со мене во Австралија, и неа ја научив, таа да продолжи, а јас размислувам да се повлечам.“

- „Во Косово во селата сè уште се прават традиционални свадби“ -

Медиса Сагдати Каравидај, која веќе 20 години работи во туристичкиот сектор, изјави дека учествува во активности за промоција на традицијата и културата на регионот.

Сагдати Каравидај наведе дека традицијата на боење на лицето од невестите со векови ја практикуваат Бошњаците во селата во Призрен, додавајќи дека слични традиции постојат и во Северна Македонија и Бугарија, но дека техниките и формите на боење се разликуваат.

Истакнувајќи дека на денот на свадбата боењето на лицето на невестата започнува во утринските часови, Сагдати Каравидај рече: „Се користат различни бои и секоја боја има свое значење, најчесто се користат сина, црвена, златна и бела боја. Во различни култури се цртаат кругови кои го означуваат животниот циклус, а околу нив се прават точки кои претставуваат семе, односно почеток на нешто ново.“

„Лицето се бојадисува затоа што симболизира дека млада девојка стапува во брак. Освен тоа, во минатото многу се верувало во урок, па се сметало дека боењето се прави за да не се гледа убавината на девојките и да не им се фрли урок. Така, девојките со обоени лица изгледале исто. Во Косово оваа традиција сè уште продолжува и секоја година на свадбите се прави боење на лицето. Секако, не толку често како порано. На пример, порано свадбите траеле една недела, а сега најмногу два дена. Во Косово во селата сè уште се прават традиционални свадби“, рече Сагдати Каравидај говорејќи за значењата што ги носи боењето на лицето на невестата.

Сагдати Каравидај истакна дека желбите на семејството кон невестата, како среќа, радост и имање деца, се исцртуваат на нејзиното лице со бои и симболи, додавајќи дека, според легендите што се пренесуваат усно, оваа традиција можеби дошла во Косово од Персијците или потекнува од периодот на паганизмот.

Наведувајќи дека традицијата има навистина долга историја, Сагдати Каравидај рече: „Со текот на времето, оваа традиција се менувала од село до село, од носија до носија. На пример, во Доње Љубиње секоја година се прават овие традиционални свадби, но тие повеќе се приспособуваат на модата. Може да има разлики во боите, но другите села се обидуваат да ја зачуваат традицијата онаква каква што е.“

Сагдати Каравидај додаде дека шминкањето на невестата во просек трае два часа.

„Невестата наутро седи со семејството на ‘последниот појадок’ и започнува традиционалното боење на лицето. Тоа трае два часа, потоа ја облекува традиционалната носија и ѝ се става бонбона во устата. Од тој момент невестата се простува со својот дом. Сè додека не пристигне во домот на младоженецот, таа не јаде, не зборува и го држи лицето мирно. Пријателите и семејството пеат песни за разделба, а се верува дека и невестата не треба да плаче во тој момент. Плачењето се смета дека ѝ ја расипува бојата и носи лоша среќа. Потоа младоженецот доаѓа на коњ да ја земе невестата. Нејзиното обоено лице се покрива, а кога ќе пристигне во домот на младоженецот, лицето се открива и се проверува дали бојата е оштетена.“

Истакнувајќи дека невестата седи на место каде што можат да ја видат сите жители на селото, Сагдати Каравидај додаде дека, доколку бојата на лицето не е оштетена, се верува дека невестата ќе биде силна и вредна.

Претставничката на Здружението за образование за развој и културна промоција (EDUCO), Елмедина Шкурти Хаџифазлиу, изјави дека во рамките на традиционално организираната Годишна конференција за туризам и гостопримство во Призрен, реализирале интерактивна работилница со учество на Сефитагиќ, нагласувајќи дека вложуваат напори за зачувување и промоција на оваа традиција.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.