За 20 години ТИКА реализираше повеќе од 1.300 развојни проекти во Северна Македонија
„При обезбедувањето развојна помош, најосновен приоритет на ТИКА е да ги земе предвид основните потреби на земјата на која ѝ се дава помош и според нив да развива проекти. Во развојната помош на ТИКА, човекот го ставаме во центар“, рече Абдулах Ерен
СКОПЈЕ
- Џихат АЛИЈУ
Претседателот на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), Абдулах Ерен, изјави дека во изминатите 20 години ТИКА во Северна Македонија реализирала повеќе од 1.300 проекти со човекот во центар.
ТИКА реализира проекти и активности во 150 земји преку 63 програмски координативни канцеларии во 61 земја, во области како образованието, здравството, реставрацијата, земјоделскиот развој, финансиите, туризмот и индустријата.
ТИКА, која спроведува активности и во балканските земји, ја одбележува 20-годишнината од своето присуство во Северна Македонија.
Во рамките на посетите во главниот град Скопје по повод 21 Декември – Денот на образованието на турски јазик и 20-годишнината од Програмската координативна канцеларија на ТИКА во Скопје, Ерен за Анадолу даде оцени за своите посети на земјата и за работата на ТИКА.
Ерен истакна дека од 2005 година до денес ТИКА во Северна Македонија реализирала повеќе од 1.300 проекти со човекот во центар, нагласувајќи дека тие се спроведени на начин што ги опфаќа Македонците, Албанците, Турците и сите други етнички заедници во земјата.
- „Значаен е придонесот што турската заедница го има дадено за стабилноста и просперитетот на оваа земја“
Нагласувајќи дека во рамките на реализираните активности реставрирани се и 15 османлиски споменици, Ерен рече: „Културната разновидност што ја има Северна Македонија е навистина многу вредна и силно препорачуваме сите заедници што живеат тука да се грижат за оваа земја. Во таа смисла, придонесот што турската заедница, уште од основањето на Северна Македонија, го има дадено за стабилноста и благосостојбата на земјата е навистина значаен.“
Ерен кажа дека Турција е фактор на стабилност на Балканот и нагласи дека во односите што ги има со балканските земји, како Србија, Албанија, Босна и Херцеговина и Северна Македонија, Турција води пристап што ги става во преден план просперитетот на овие земји и регионалната стабилност.
„При обезбедувањето развојна помош, најосновен приоритет на ТИКА е да ги земе предвид основните потреби на земјата на која ѝ се дава помош и според нив да развива проекти. Затоа, најнапред ги разгледуваме сопствените развојни планови на земјата во која спроведуваме развојни проекти. Во развојната помош на ТИКА, човекот го ставаме во центар. Ориентирани сме кон побарувачката, дејствуваме брзо и насочени сме кон резултати“, рече претседателот на ТИКА.
„Основна мотивација е посебниот однос што Северна Македонија го има со Турција. Гледаме дека сите наши проекти овде се прифатени и поддржани од локалното население, од политичарите и од нашите соговорници. Тоа нѐ прави многу среќни. Имаме заедничка историја и културно наследство. Знаеме дека османлиската држава со векови воспоставувала ред и поредок на овие простори“, продолжи тој.
- ТИКА во Северна Македонија допринесе на животот на 150.000 ученици
Ерен истакна дека повеќе од 1.300 проекти што ТИКА ги реализирала досега, главно, се концентрирани во областа на образованието, здравството, земјоделството и сточарството, нагласувајќи дека е неопходно зајакнување на образовната и здравствената инфраструктура во земјата.
Посочувајќи дека миграцијата претставува еден од клучните проблеми за Северна Македонија, Ерен рече: „Со проекти што носат приходи, особено во областа на земјоделството, сточарството и оранжериското производство, сакаме да придонесеме населението да остане овде и да се спречи иселувањето.“
Ерен нагласи дека 422 од реализираните проекти се во областа на образованието и дека со нив директно допринесе на животот на околу 150.000 ученици.
Укажувајќи дека живееме во период во кој технологијата се менува со „вртоглава брзина“, Ерен истакна дека се спроведуваат сериозни активности за користење на вештачката интелигенција во јавната дипломатија.
„Во вештачката интелигенција мора да формираме комуникациски пристап што ќе ја става информацијата во центар и ќе ја спречува дезинформацијата“, рече Ерен.
Тој укажа и на постоењето на монополизација на високотехнолошките социјални медиумски платформи, оценувајќи ја платформата NSosyal, основана од претседателот на Управниот одбор на „Бајкар“, Селчук Бајрактар, како значајна иницијатива.
Ерен потсети дека односите меѓу Турција и Северна Македонија од 2008 година се на стратегиско ниво, додавајќи дека претседателот Реџеп Таип Ердоган ѝ придава посебно значење на оваа земја.
Претседателот на ТИКА, исто така, изјави дека во рамките на своите активности во земјата се сретнал со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, со претседателот на Собранието, Африм Гаши и со министерот за култура и туризам Зоран Љутков, нагласувајќи дека постои многу добра соработка со локалните институции.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
