Балкан

Заводот за статистика ги објави резултатите од пописот, Северна Македонија брои вкупно 2.097.319 регистрирани граѓани

Во однос на процентот на граѓаните резиденти во земјата, 58,44 отсто се изјасниле како Македонци (во бројка 1.073.299), 24,3 отсто Албанци (446.245), 3,86 отсто Турци (70.961)...

Husamedin Gina  | 30.03.2022 - Обновена : 31.03.2022
Заводот за статистика ги објави резултатите од пописот, Северна Македонија брои вкупно 2.097.319 регистрирани граѓани Фото: Husamedin Gina/АА

СКОПЈЕ (АА) - Според податоците објавени од резултатите од минатогодишниот попис на Државниот завод за статистика (ДЗС), во Северна Македонија се регистрирани вкупно 2.097.319 граѓани, од кои 1.836.713 се резиденти, а 260.606 нерезиденти, јавува Агенција Анадолија (AA).

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, заменикот-директор Илми Селами и меѓународниот експерт од Словенија, Данило Доленц денеска се обратија на презентацијата на која се објавени податоците од Пописот на населението, домаќинствата и становите 2021, спроведен од 5 до 30 септември.

Истакнувајќи го задоволството од целокупниот пописен процес, Симовски истакна дека Државниот завод за статистика е една од најпрофесионалните институции во земјата.

„На почетокот, со гордост можам гласно и јасно да истакнам: успешно и професионално спроведен попис 2021. Тимот на Државниот завод за статистика повторно покажа дека може, дека знае, дека умее. Дека е една од најпрофесионалните институции во Северна Македонија“, нагласи директорот Симовски.

Симовски, осврнувајќи се на најновите статистички податоци, истакна дека од вкупниот број регистрирани во Северна Македонија, односно резиденти и нерезиденти, 54,21 отсто се изјасниле како Македонци (во бројка 1.137.030), 29,52 отсто Албанци (619.187), 3,98 отсто Турци (83.443), 2,34 отсто Роми (49.104), 1,18 отсто Срби (24.759), 0,87 отсто Бошњаци (18.163) и 0,44 отсто Власи (9.208).

Во однос на процентот на граѓаните резиденти во земјата, Симовски соопшти дека 58,44 отсто се изјасниле како Македонци (во бројка 1.073.299), 24,3 отсто Албанци (446.245), 3,86 отсто Турци (70.961), 2,53 отсто Роми (46.433), 1,3 отсто Срби (23.847), 0,87 Бошњаци (16.047) и 0,47 Власи (8.714).

Во вкупното нерезидентно население опфатено со пописот, во кое спаѓаат државјаните на Република Северна Македонија отсутни во странство повеќе од 12 месеци и странците времено присутни во Република Северна Македонија помалку од 12 месеци, 24,45 отсто се изјасниле како Македонци (во бројка 63.731), 66,36 отсто како Албанци (172.942), 4,79 отсто како Турци (12.482), 1,02 отсто како Роми (2.671), 0,19 отсто како Власи (494), 0,35 отсто како Срби (912) и 0,81 отсто како Бошњаци (2.121).

Според религиската припадност, 46,14 отсто се изјасниле како православни, 32,17 отсто како муслимани, 0,37 отсто како католици.

Од попишаното население, 61,38 отсто се изјасниле дека мајчин јазик им е македонскиот, 24,34 отсто мајчин јазик албанскиот, 3,41 отсто турскиот, 1,73 отсто ромскиот, 0,17 отсто влашкиот, 0,61 отсто српскиот и 0,85 отсто мајчин босанскиот јазик.

Според последните податоци, бројот на странци времено присутни во Северна Македонија помалку од 12 месеци изнесува 1.634 лица.

Бројот на домаќинства изнесува 598.632, а просечниот број на членови на домаќинствата изнесува 3,06. Бројот на станови, пак, изнесува 839.174.

Од друга страна, според најновите податоци, во однос на бројот на жители најмала е општината Зрновци со 2.086 жители, а најголема е општина Куманово со 98.104 жители. Густината на населеноста изнесува 72,2 лица на километар квадратен. Просечната возраст на населението изнесува 40,08 години.

Заменик-директорот Илми Селами, давајќи податоци околу потрошените средства за пописот, рече дека од буџетот на државата биле одобрени 8,5 милиони евра за 2018, 2019, 2020 и 2021 година и дека целиот пописен процес секој граѓанин го чинело 4 евра.

Меѓународниот експерт од Словенија, Данило Доленц, во своето обраќање се осврна на пописните методи.

Северна Македонија последен пат попис одржа во 2002 година. Во 2011 година започна попишувањето, но беше прекинато откако членовите на Пописната комисија колективно и неотповикливо поднесоа оставки.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.