Балкан

Една година од трагичната несреќа во Бугарија во која животот го загубија 45 лица

Несреќата беше опишана од многу локални и меѓународни медиуми како најсмртоносната сообраќајна несреќа во бугарската историја и најсмртоносната автобуска несреќа во последните 10 години во Европа

Abdula Berisha  | 23.11.2022 - Обновена : 24.11.2022
Една година од трагичната несреќа во Бугарија во која животот го загубија 45 лица

СКОПЈЕ (АА) - Жителите на Северна Македонија утрото на 23 ноември минатата година се разбудија со трагична вест. Автобус со патници, главно од Скопје, но и од други градови на Северна Македонија, кои се враќале од туристичко патување во Истанбул, доживеа трагична несреќа во Бугарија, пишува Агенција Анадолија (АА).

Подоцна се дозна дека во несреќата загинале 45 лица, од кои 12 деца, додека 7 се повредени. Поради несреќата, Северна Македонија прогласи тридневна жалост, а по еден ден е прогласена и во Бугарија и Косово.

Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, за несреќата тогаш рече дека тоа е трагедија која не се памети во поновата историја на земјата, додека тогашниот премиер на Северна Македонија, Зоран Заев, несреќата ја опиша како „страшна трагедија“.

Несреќата беше опишана од многу локални и меѓународни медиуми како најсмртоносната сообраќајна несреќа во бугарската историја и најсмртоносната автобуска несреќа во последните 10 години во Европа.

- Првичните сомнежи беа дека се работи за човечка грешка или технички проблем -

Истрагата во врска со несреќата започна веднаш истиот ден, 23 ноември 2021 година. Главниот обвинител на Северна Македонија го посети местото на несреќата заедно со заменик-обвинителот на Бугарија.

Беа земени изјави од преживеаните и очевидците, а првите сомнежи беа дека се работи за човечка грешка или технички проблем.

Трагичен е фактот што несреќата се случила околу 2 часот по полноќ, кога веројатно повеќето од патниците спиеле.

Два дена подоцна, односно на 25 ноември 2021 година, заменик-главниот јавен обвинител и директор на Националната истражна служба на Бугарија, Борислав Сарафов, во изјава за медиумите ја отфрли можноста за можен терористички акт.

„Немало експлозија, само [автобусот] го зафатил силен пожар“, рече Сарафов.

Тој нагласи дека обдукцијата покажала дека сите патници починале од чад, односно пред да бидат зафатени од пламенот.

Сарафов истакна дека ја истражуваат можноста за човечка грешка како главна причина за несреќата, додавајќи дека друг фактор за несреќата може да биде лошата состојба на патот и сообраќајната сигнализација во регионот.

Во август оваа година бугарските власти соопштија дека според истрагата, причина за несреќата е губење на контролата над автобусот од страна на возачот и брзината над дозволениот лимит.

- Надлежните ја укинаа лиценцата на туристичката агенција -

Веднаш по трагедијата, надлежните служби на Северна Македонија влегоа во канцелариите на агенцијата „Беса транс“ која го организираше транспортот и туристичкото патување, каде што се извршени детални проверки.

Министерот за транспорт и врски на Северна Македонија, Благој Бочварски, на 26 ноември 2021 година информира дека автобусот, од сопственикот не бил пријавен во единствената електронска база на податоци на Министерството, додавајќи дека тој за него немал ниту сертификат за лиценцата која се издава за секој автобус посебно. Оваа компанија, како што истакна министерот Бочварски, при напуштање на државата користела потврда за друг автобус, прекршувајќи ги законите.

Поради овие неправилности, надлежните ја укинале лиценцата на компанијата, а целата документација за компанијата е доставена до Основното обвинителство.

Исто така, Обвинителството на Северна Македонија поднесе обвинителен акт за кривично дело „фалсификување на документи“, а судскиот процес за овој случај е во тек.

На 3 декември 2021 година, посмртните останки на 45 жртви пристигнаа на Меѓународниот аеродром во Скопје, кога беше извршен нивниот погреб. Тие беа пренесени во Скопје со два воено-транспортни авиони на Бугарија и беа дочекани со државен пречек од највисоките челници на институциите на Северна Македонија, како и од лидерите од Косово и Албанија. Посмртните останки беа претходно идентификувани врз основа на ДНК-анализа на членовите на семејството.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.