Балкан

Димитров за АА: „Преспанскиот договор е премногу голем за да пропадне“

„Во зависност од брзината на процесите во различни парламенти, членството во НАТО официјално ќе се случи на почетокот на наредната година. Всушност, ќе се најдеме на маса многу наскоро, можеби во февруари или март оваа година“, изјави Димитров.

Fatih Hafız Mehmet  | 19.01.2019 - Обновена : 20.01.2019
Димитров за АА: „Преспанскиот договор е премногу голем за да пропадне“ (Fotoreporter: Emin Sansar - Anadolu Agency)

Ankara

АНКАРА (АА) - ФАТИХ ХАВИЗ МЕХМЕТ

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, изјави дека Преспанскиот договор склучен меѓу Грција и Македонија во врска со спорот за името меѓу двете земји, е премногу голем за да пропадне.

Никола Димитров беше во официјална посета на Анкара и во екслузивно интервју зборуваше за Аnadolu Agency (AA).

Тој изјави дека вложувањата и зборовите на пофалба кои доаѓале од целиот свет го направиле Преспанскиот договор значаен.

Собранието на Република Македонија минатиот петок на 11 јануари ги усвои уставните измени, со кои ќе се промени уставното име на Република Македонија во Република Северна Македонија, по стапување во сила на Договорот за решавање на спорот за името со Грција (Преспански договор).

Договорот за решавање на спорот за името со Грција (Преспански договор), во јуни минатата година, во Преспа, го потпишаа владите на Македонија и Грција. Според Договорот, Македонија ќе го смени своето име во Република Северна Македонија, а Грција ќе се откаже од приговорот за влез на Македонија во НАТО и да стане членка на Европската Унија.

Димитров изјави дека Владата на грчкиот премиер Алексис Ципрас неодамна го преживеала гласањето на доверба во Парламентот.

„Мислам дека овие денови ќе започне процедурата за ратификација на Преспанскиот договор“, изјави тој.

Димитров изјави дека во Грција постои политичка волја и дека заложбата што била присутна во текот на изминатите месеци, како и оваа недела, довела до ова гласање за доверба.

„Мислам дека наскоро, за неколку дена, ќе ја видиме ратификацијата во грчкиот Парламент“, нагласи Димитров.

Димитров изјави дека во грчкиот Парламент повторно ќе има гласање за пристапниот протокол на Македонија за влез во НАТО, и дека со таа ратификација, процесот ќе биде финализиран.

Тој изјави дека процесот е историски и дека претставува историско помирување меѓу двата народа.

„Македонија изгуби една генерација, чекајќи поради овој спор со името“, нагласи Димитров.

Тој рече дека Македонија била земја кандидат за Европската Унија уште од 2005 година.

„По Турција, ние сме земја со најмногу искуство во чекањето за членство во ЕУ“, додаде шефот на македонската дипломатија.

Димитров рече дека откако во Грција ќе биде завршен процесот на ратификација, членството на Македонија во НАТО ќе биде побрзо отколку членството на земјата во ЕУ.

„Веројатно, во зависност од брзината на процесите во различни парламенти, членството во НАТО официјално ќе се случи на почетокот на наредната година. Всушност, ќе се најдеме на маса многу наскоро, можеби во февруари или март оваа година“, изјави Димитров.

- Односите меѓу Македонија и Турција - 

Димитров изјави дека Турција била една од првите земји кои ја признале независноста на Македонија и затоа двете земји имаат посебен однос.

„Делумно поради тоа што со векови делевме заеднички живот во османлиските денови и делумно поради тоа што постојат многу Турци кои емигрирале од Македонија во Турција“, изјави Димитров.

„Исто така, има многу Турци во Македонија. Тие се многу добро интегрирани во нашето општество“, изјави Димитров.

Димитров изјави дека за време на неговата посета во Анкара разговарал со турскиот минстер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, за тоа како да ги подобрат економските односи меѓу двете земји, додавајќи дека има намера во билатералната трговска размена да се постигне една милијарда долари.

Тој изјави дека исто така дискутирале и за прашањето за бегалците, стабилноста на Балканот и за борбата против тероризмот.

Димитров изјави дека Македонија е „потполно свесна“ за борбата на Турција со терористичката организација ФЕТО.

„Како пријател, доколку постои голем проблем за Турција, тогаш тоа претставува исто така проблем и за нас“, нагласи Димитров.

Димитров изјави дека Турција и Македонија имаат блиска соработка на многу нивоа, особено меѓу безбедносните служби.

Додаде дека тие го поздравиле основањето на Фондацијата „Маариф“ во Македонија.

„Таа во март 2018 година го отвори првото училиште во близина на Тетово и ова е развој кој ние многу го поздравуваме во однос на квалитетот на едукацијата која се обезбедува. Мислам дека повеќе ќе следува во оваа насока“, нагласи Димитров.

Турција Фондацијата „Маариф“ ја основа во 2016 година, по обидот за државен удар, со цел да го преземе управувањето со училиштата поврзани со ФЕТО во странство. Исто така, нејзината цел е основање училишта и образовни центри надвор од земјата.

ФЕТО и нејзиниот водач Фетула Ѓулен стојат зад неуспешниот обид за државен удар во Турција на 15 јули 2016 година, во кој животот го загубија 251, а беа ранети речиси 2.200 лица.

Терористичката организација ФЕТО стои и зад долгогодишната кампања за рушење на државниот поредок преку инфилтрирање во турските институции, особено во војската, полицијата и правосудството.

ФЕТО има значајно присуство во странство, вклучувајќи ги приватните училишта кои служат како прилив на приходи на терористичката организација.

- Дијалог Косово - Србија - 

Осврнувајќи се на можната размена на териториите меѓу Косово и Србија, Димитров изјави дека во обединета Европа границите се суштински невидливи.

„Размената на територии, етничките граници се концепти на минатото“, истакна министерот за надворешни работи на Македонија.

Димитров изјави дека во Македонија се горди на својата разновидност и дека во земјата живеат Турци, Албанци, Срби, Власи, Бошњаци и Роми.

„Го поздравуваме дијалогот меѓу Белград и Приштина, но треба да бидеме мудри“, изјави Димитров.

Димитров рече дека во 1990-тите години бевме сведоци на човечки трагедии на Балканот, кога беа идеализирани или величени етничките граници.

Косово прогласи независност од Србија во 2008 година, но Белград инсистира дека „земјата е дел од Србија". Оттогаш има тензии меѓу косовското албанско мнозинство и српското малцинство на северот на Косово.

Косово е признаено од страна на повеќе од 100 земји, вклучувајќи ги САД, Велика Британија, Франција, Германија и Турција.

Србија, Русија и Кина се наоѓаат меѓу земјите кои сè уште ја немаат признаено независноста на Косово.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.