Балкан

Во Охрид се реконструира пет века старата Али-пашина џамија

Џамијата којашто се наоѓа на влезот од Охридската чаршија, според најавите од Муфтиството на Исламската верска заедница во Охрид, ќе го добие некогашниот изглед и сјај како кога била изградена пред пет века

Miki Trajkovski  | 23.05.2017 - Обновена : 24.05.2017
Во Охрид се реконструира пет века старата Али-пашина џамија (Foto: Miki Trajkovski/AA)

Ohrid

ОХРИД (АА) - Во Охрид започнаа конзерваторските работи и реконструкцијата на Али-пашината џамија, културно историски локалитет од 16. век.

Џамијата којашто се наоѓа на влезот од Охридската чаршија, според најавите од Муфтиството на Исламската верска заедница во Охрид, ќе го добие некогашниот изглед и сјај како кога била изградена пред пет века.

Директорката на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј - Охрид, Тања Паскали Бунташеска во изјава за Anadolu Agency (AA), рече дека објектот е заштитен со решение уште од 1968 година.

„Али-пашината џамија претставува поединечно споменично добро, исто како и сите други поединечни споменични добра, без разлика дали се работи за објекти од сакрална или профана архитектура. Се изработи елаборат за револаризација, кој беше прегледан од комисија и врз основа на тоа се донесе ново решение за прогласување на поединечно споменично добро. Во решението стои дека на објектот треба да се извршат истражувачки работи и врз основа на тие истражувачки работи, објектот да се врати во првобитната состојба како што бил некогаш. На овој објект, во изминатите години се правени неколку зафати и тие беа несоодветни за самата џамија“, вели Паскали Бунташеска.

Паскали Бунташеска вели дека во моментот, на џамијата се вршат конзерваторски работи, а се руши и сето она што не соодветствува со архитектурата на џамијата. Ќе се направи комплетна конзервација и на куполата, архитектурата и на фасадата.

„Ја враќаме џамијата во првобитната состојба. На местото од затворениот трем, кој беше изграден од приземјето плус еден кат, ќе се реконструира отворен трем со три купули, таков каков што постоел некогаш. Ќе се направи и реконструкција на минарето коешто постоело. Постојат и фотографии, а врз основа на постоечките стари фотографии, ние го изработивме проектот и ќе го реконструираме минарето онака како што било. Во нашите закони стои доколку постојат податоци каков бил еден објект кога се изградил, има можност тој да се реконстрира“, вели Паскали Бунташеска.

- Се очекува до крајот на следната година да биде завршена реконструкцијата

Директорката соопшти дека проектот е изработен според Законот за заштита на културното наследство и според сите конзерваторски принципи за конзервација на еден објект. Таа кажа дека работите ги изведува турска фирма и оти тие биле само во улога на конзерваторски надзор.

Од музејот очекуваат дека до крајот на следната година ќе бидат комплетно завршени сите работи, и џамијата ќе биде вратена во својата првобитна состојба.

Од Муфтиството на Исламската верска заедница (ИВЗ) во Охрид за велат дека Охрид на овој начин ќе добие цел еден комплекс со површина од 928 квадратни метри. Од таму додаваат дека реализацијата на целиот проект ја надгледуваат овластени претставници од Музејот во Охрид, а го изведуваат архитекти од Турција.

„Муфтиството на ИВЗ во Охрид, во соработка со Музејот во Охрид и Генералната дирекција на вакуфи на Турција, се во тек на реализација на овој проект на Али-пашината џамија, која ќе биде еден комплекс со кој ќе се врати оригиналноста на џамијата кога била изградена во 16 век“, рече во изјава за АА, Самет Ајдари, муфтија во Муфтиството на ИВЗ во Охрид.

Во првата фаза е предвидена изградба на минарето и тремот како што биле во првобитна состојба. Во втората фаза е предвидена изградба на дополнителни објекти како што е шадрванот. 

Остатоците од минарето се наоѓаат од јужната страна на џамијата. Тоа е урнато во 1912 година и до денес не е обновено. Покрај другото, Али-пашината џамија била градена од камен и од печена цигла.

Од ИВЗ најавуваат дека по пуштањето во употреба, џамијата и целиот комплекс ќе бидат отворени не само за граѓаните на Охрид, туку и за посета на сите домашни и странски туристи што ќе го посетат градот.

Али-пашината џамија во целиот период досега била отворена за верници. Има капацитет за околу 300 верници и во неа се изведува молитва (намаз) петпати во текот на денот.

Инаку, целиот проект се реализира со средства на Генералната дирекција на вакуфи на Владата на Турција.

- Историјат на Али-пашината џамија

Директорката на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј - Охрид, Тања Паскали, вели дека според некои историски податоци и според архитектонските карактеристики, џамијата била изградена кон крајот на 15. или почетокот на 16. век. 

Како што рече таа, во составот на џамијата во 1823 година била подигната и медреса, која денес не постои. Остатоците од минарето се наоѓаат од јужната страна на џамијата и ден-денес постојат остатоци од постаменот на минарето во висина од 6,5 метри.

Паскали додава дека минарето е урнато меѓу 1912 и 1918 година и никогаш до денес не е обновено. Според кажувањата на постарите жители, минарето со својата височина и елегантност доминирало во Охридската чаршија. Градено било со тула.

„Во својот 'Патепис' Евлија Челебија навел дека во Охрид постоела џамија со две минариња и можеби токму оваа џамија била таа. Веројатно другото минаре било само како темел поставено и никогаш не било издигнато, и затоа не се гледа на старите фотографии“, вели директорката на музејот, Тања Паскали Бунташеска.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.