Балкан

Во Битола организирана комеморативна церемонија по повод годишнината од дипломирањето на Ататурк во Воената школа

„Северна Македонија е неопходен елемент за траен мир и стабилност на Балканот“

Dzihat Aliju  | 13.03.2026 - Обновена : 13.03.2026
Во Битола организирана комеморативна церемонија по повод годишнината од дипломирањето на Ататурк во Воената школа Фото: Umeys Sulejman/AA

БИТОЛА (AA) – Во Битола беше организирана комеморативна церемонија по повод 127-годишнината од дипломирањето на Мустафа Кемал Ататурк во Битолската воена школа, јавува Анадолу.

На церемонијата одржана во поранешната воена школа, која денес функционира како Музеј на град Битола, присуствуваа амбасадорот на Турција во Скопје, Фатих Улусој, заменик-генералниот директор за управни служби во Министерството за национална одбрана на Турција, бригаден генерал Рамазан Топер, командантот за обука и доктрина на Армијата на Северна Македонија, бригаден генерал Љулзим Нуредини, заменик-министерот за одбрана на Северна Македонија, Адмир Шабани, градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, како и политичари, пратеници, претставници на турски институции и организации во земјата и други гости.

Церемонијата започна со едноминутно молчење во чест на Ататурк и неговите соборци, како и со интонирање на националните химни на двете земји.

Во своето обраќање, амбасадорот Улусој рече: „Битола има важно место во заедничката историја на нашите народи, кои со векови живееле заедно, како и во историјата на нашето пријателство и братство“.

Тој нагласи дека Битола, град кој зазема посебно место во политичкиот, економскиот, историскиот и културниот живот на Северна Македонија, била домаќин на Воената школа.

„Овие простори каде што се образувал и ја дишел богатата културна атмосфера основачот на нашата Република, Ататурк, се и татковина на турската заедница во Македонија, која претставува мост на пријателство меѓу нашите земји. Горди сме што нашата длабока историја и заедничка култура претставуваат извор на богатство за нашите народи. Цврсто верувам дека Ататурк ќе продолжи да биде извор на инспирација за турската заедница во Македонија и за младите тука“, додаде Улусој.

- „Северна Македонија е неопходен елемент за траен мир и стабилност на Балканот“ -

Од своја страна, Топер изјави дека денес не се одбележува само едно дипломирање, туку почетокот на една голема судбина. Тој нагласи дека образованието што младиот Мустафа Кемал го добил во Битолската воена школа – една од западните порти на Османлиската Империја во 19 век – од тогашните истакнати професори, имало големо влијание врз формирањето на неговата национална и историска свест.

Топер истакна и дека Турција ја смета Северна Македонија за пријателски и доверлив партнер за соработка и верува дека таа е неопходен елемент за траен мир и стабилност на Балканот.

„Без сомнение, во создавањето на силните врски меѓу двете земји многу голема улога има основачот на Република Турција, Мустафа Кемал Ататурк. Затоа целосно веруваме дека церемонијата организирана во Битолската воена школа, каде што тој дипломирал, како и овој историски објект, се меѓу факторите што го зајакнуваат пријателството и соработката меѓу Турција и Северна Македонија“, рече тој.

- „Пријателството Турција – Северна Македонија продолжува да се зајакнува“

Топер нагласи дека турско-македонското пријателство значително придонесува за мирот и стабилноста во регионот.

„Пријателството и односите меѓу Турција и Северна Македонија, што се потпираат на заедничката историја и минато, продолжуваат да се зајакнуваат на непоколеблив начин со меѓусебна доверба кон иднината“, рече тој.

Од друга страна, Нуредини истакна дека Битола е град со длабока историја и богато културно наследство, додавајќи дека токму во овој град Мустафа Кемал Ататурк ги поставил темелите на знаењето, дисциплината и вредностите.

„Ататурк ги стекнал знаењата, дисциплината, вредностите што го изградиле како лидер со визија, лидер кој не само што ја водел својата нација во тешки времиња, туку и ги поставил темелите за модерна и силна држава“, изјави тој.

По говорите, гостите ја посетија спомен-собата на Ататурк и се потпишаа во книгата на спомени.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.