Балкан, Коронавирус

Бугарија уште 4 месеци ја продолжи вонредната состојба поради пандемијата на Ковид-19

- „Нашата цел е да ставиме крај на смртните случаи на скалилата пред болниците. Ветив дека нема да има целосно затворање во земјава и го одржав ветувањето“, изјави Јанев, премиерот на технократската Влада во Бугарија.

Ihvan Radoykov   | 25.11.2021
Бугарија уште 4 месеци ја продолжи вонредната состојба поради пандемијата на Ковид-19

СОФИЈА 

Во Бугарија, која го доживува четвртиот бран на пандемијата, Владата ја продолжи вонредната состојба во земјата до 31 март 2022 година заради заштита и справување со последиците од ширењето на новиот тип коронавирус (Ковид-19), јавува Агенција Анадолија (АА).

Стефан Јанев, премиерот на технократската Влада во Бугарија, кој повеќе од шест месеци владее со земјата поради политичката криза во Бугарија, ги оцени проблемите поврзани со справувањето со кризата во здравствениот сектор поради појавата на Ковид-19.

„Тешко е да спиете и да се будите постојано размислувајќи за кризата со коронавирусот. Главниот приоритет на нашата Влада е здравствениот систем. Нашата цел е да ставиме крај на смртните случаи на скалилата пред болниците. Ветив дека нема да има целосно затворање во земјава и го одржав ветувањето“, изјави Јанев.

Наведувајќи дека резултатите добиени со воведувањето на обврската за зелен сертификат во борбата против Ковид-19 покажуваат дека Владата е на вистинскиот пат, Јанев истакна: „Бројката на оздравени веќе е поголема од бројката на новозаразени. Преземените мерки се донесени во вистинско време. Од друга страна, немаме повик вакцинацијата да биде задолжителна“, рече тој.

„Вонредната состојба во земјата поради пандемијата на коронавирусот е продолжена за четири месеци, од 1 декември до 31 март 2022 година“, се наведува во соопштението во врска со одлуките донесени на владината седница.


- „95 отсто од починатите не се вакцинирани“

Бугарскиот министер за здравство, Стојчо Кацаров, во соопштението објавено на веб-страницата на Министерството го наведе следново:

„Деведесет проценти од случаите што се хоспитализирани и 95 отсто од починатите не се вакцинирани. Високата стапка на смртност поради коронавирусот во Бугарија се должи на факторите, како што се поефикасното пренесување на вирусот, потешкото прележување на болеста во случај на заразување со делта-варијантата, малата стапка на вакцинирани лица во земјата и поради неурамнотеженоста во нашиот здравствен систем што трае со години.“

Потсетувајќи дека земјата во никој случај нема да оди кон целосно затворање, Кацаров посочи дека веќе две недели се регистрира намалување на бројката на новозаразени благодарение на најновите мерки и додаде дека условот за поседување зелен сертификат за влез во затворени области го зголемил интересот за вакцинација.


- Најновата состојба на Ковид-19 во Бугарија

Во Бугарија која има популација од 6,9 милиони жители, во последните 24 часа се регистрирани 2.569 нови случаи на заразување со Ковид-19.

Од 6.846 пациенти кои се наоѓаат под медицински третман, 797 заразени се наоѓаат на одделенијата за интензивна нега. Меѓу 687 лица кои вчера се хоспитализирани, 80 % не се вакцинирани. Во последните 24 часа од последици на заразувањето со Ковид-19 животот го загубија 120 лица, со што вкупниот број на смртни случаи предизвикани поради заразувањето со Ковид-19 се зголеми на 27.778.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.