Анализа на вести

„Туниска пукнатина“ во сонот на ОАЕ за регионален поредок

Анализа на Мехмет Ракипоглу, асистент за истражување на Одделот за меѓународни односи на Универзитетот „Батман“ и докторант на Универзитетот „Сакарја“ на Институт за Блискиот Исток

Mehmet Rakipoğlu   | 26.05.2020
„Туниска пукнатина“ во сонот на ОАЕ за регионален поредок Челникот на движењето Нахда и претседател на тунискиот Парламент, Рашид ал Гануши

ИСТАНБУЛ (АА) - МЕХМЕТ РАКИПОГЛУ -

„Ако се земат предвид регионалните активности во последниот период“, како што вели министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, „може лесно да се каже дека Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) се земја која произведува хаос и нестабилност“. Наспроти Саудиска Арабија, која е најважниот партнер на коалицијата што се наоѓа во Јемен, ОАЕ го нарушуваат територијалниот интегритет на оваа земја, ги поддржуваат сепаратистите во јужниот дел на земјата, и обезбедуваат финансиска и дипломатска поддршка на диктаторството на тиранинот Асад во Сирија. Исто така, ОАЕ им префрлаат средства во фондовите на терористичките организации во африканските земји како што е Сомалија, и со тоа создаваат небезбедна средина и се обидуваат да направат регионот да зависи од нив. Меѓу другото, ОАЕ, како и престолонаследникот на Абу Даби, Мухамед бин Зајид, се главните архитекти на голем број валкани проекти, меѓу кои и продавањето на Палестина на Израел со рацете на Мухамед Дахлан.

- Создавање регионален поредок -

ОАЕ во неколкуте проекти што ги споменавме имаа една основна цел. Тоа може да се сумира како „обид за изградба на нов регионален поредок“ преку развивање на координирани и независни односи со глобалните сили, како што се САД, Русија и Кина. Во таа смисла, јасно е дека ОАЕ, кои ги финансираат платениците поврзани со компанијата „Вагнер“ во Либија и го поддржуваат пучистот Хафтар, повеќе соработуваат со Русија. Соработувајќи со режимот на Асад во Сирија, Абу Даби се обидува да ги урамнотежи односите со САД и да се приближи до Кина економски, културно и дипломатски. Обединетите Арапски Емирати, кои имаат многу ограничен воен капацитет, во изградбата на регионалниот поредок исто така имаат потреба од регионални сојузници. И покрај тоа, ОАЕ, во регионалниот поредок што сакаат да го воспостават, ја имаат пред себе Турција, како регионална моќ и не можат да се соочат со тој предизвик. Оттука, Обединетите Арапски Емирати, во воспоставувањето на регионалниот поредок придаваат значајно место на местата каде што Турција е активна. Активностите на Абу Даби во Либија и сродните кризи може да се гледаат од тој аспект. Актерите кои не сакаат да учествуваат во новиот регионален поредок што сакаат да го воспостават ОАЕ, со нивните неутрални политики во Јемен и Либија или развивањето на блиските односи со Турција, се причина да бидат нападнати од Абу Даби. Од овој аспект може да се оценат и нападите на Обединетите Арапски Емирати на Мароко и Тунис.

- Борба против исламски движења -

За да може да го воспостават регионалниот поредок, втората цел на Обединетите Арапски Емирати е уништување на секое исламско движење што се заканува на безбедноста на режимот. Оваа политика се спроведува во земјата, на Заливот, на Блискиот Исток и на меѓународно ниво. Внатре во земјата се води неправедна судска постапка кон сите реформатори и критични новинари на чело со Ахмет Мансур. Во Заливот, воведено е ембарго врз Катар, кој е домаќин на важните имиња на муслиманските браќа. Исто така, ОАЕ, на регионално ниво водат неименувана војна кон актерите чии интереси се преклопуваат со Ихван, како што е Турција. ОАЕ, на глобално ниво, спроведуваат лоби-активности за да ги придобијат САД во борбата против тие актери. Тука ја користат и можноста како што е претседателот Доналд Трамп. Од друга страна, истовремено продолжуваат да соработуваат со најголемите сили како Кина и Русија.

Оваа агресивна и амбициозна надворешна политика на ОАЕ го надминува нивниот капацитет. Исто така, политичките амбиции на земјата го спречуваат рационалното размислување на политичката елита во Абу Даби. И покрај ефектите на коронавирусот врз економијата, ОАЕ продолжуваат со надворешните активности кои се скапи. Најновите примери за ваков вид политика се гледаат во северноафриканските земји. Обидувајќи се да покажат дека мароканската Влада неуспешно се бори против коронавирусот, од неодамна цел на Обединетите Арапски Емирати е Тунис. Нападот на ОАЕ врз Тунис носи слични кодови со нападот врз Мароко. Всушност, Обединетите Арапски Емирати го нападнаа Мароко преку тролови на социјалните мрежи. Истото сакаат да го направат и за Тунис.

- Инструментализација на медиумите и дискурси за пуч -

Телевизијата „Ал Арабија“, финансирана од Саудиска Арабија, со седиште во Обединетите Арапски Емирати, тврди дека Гануши, кој се вратил од егзил со Револуцијата „Јасмин“, има сомнително богатство. Египетската телевизија „Ел Гад“ („El-Ğad“), која претставува продолжеток на оската ОАЕ - Саудиска Арабија, исто така, сака да го направи проблемот покомплициран. Телевизијата, основана со капитал на ОАЕ преку Мухамед Дахлан, се обидува да создаде перцепција дека народот на Тунис не верува во Владата и дека ги испитува наводите.

Наведените обвинувања се совпаднаа со периодот кога во внатрешната политика на Тунис се зборува за економските последици од коронавирусот. Во оваа смисла, може да се каже дека ОАЕ ја следат внатрешната политика на Тунис преку своите внатрешни врски. Впрочем, ОАЕ во 2013 година ги поддржаа протестите против „Нахда“, а на претседателските избори во 2014 година ја поддржаа партијата „Нида Тунис“. Исто така за да се расипе коалицијата „Нахда-Нида“ ОАЕ се обидоа тунискиот претседател Сибси да го придобијат во своите редови. Слично на тоа, ги финансираа антивладините протести во 2018 година. Создадоа вештачка криза со носење скандалозна одлука за спречување на жените од Тунис да влегуваат во ОАЕ. Исто така, поддржувајќи ги министрите како што е Лутфи Брахем и лидерот на Партијата „Срцето на Тунис“, Набил Кавли, сакаа да управуваат со внатрешната политика на Тунис. Но, во сите тие потези ОАЕ беа неуспешни.

Во кризата создадена преку Гануши, оската Саудиска Арабија - ОАЕ побара на социјалните медиуми да се гласа за тоа дали Владата на Тунис има доверба кај народот. Покрај тоа, во медиумите „Ал Арабија“ и „Скај њуз“, имиња како што се Абир Муса, често почнаа да го критикуваат Гануши и истакнуваа дека случувањата по декември 2010 година не се револуција. На тој начин, во Тунис политиката за Либија еволуираше во внатрешна политика.

- Тунис да стане цел во либискиот јазол -

Може да се каже дека има две основни причини зошто Мароко, Тунис и Алжир се цел на Обединетите Арапски Емирати. Првата причина е дека овие актери на сакаат да служат на регионалниот поредок што се обидуваат да се воспостави под водството на Обединетите Арапски Емирати. Со други зборови, споменатите актери не се вклучени во блокот ‘статус кво’ предводен од Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија и водат релативно независна политика. Затоа, главната цел на Обединетите Арапски Емирати е да ги натераат Тунис и актерите како што се Мароко и Алжир во Северна Африка да станат пион на новиот регионален поредок што се обидуваат да го воспостават. Втората причина е постоењето на малцински и/или мнозински исламски движења во споменатите северноафрикански земји. Во оваа смисла, цел на Обединетите Арапски Емирати се земјите кои не се под нивната „хегемонија“ и земјите што ги толерираат исламските движења.

Тоа што Гануши и Тунис се покажуваат како цел, всушност е поврзано со балансите во Либија. Со други зборови, ОАЕ преку Гануши сакаат да дадат насока на туниската политика, на граѓанската војна во Либија и да ја ограничат растечката моќ на Турција. Либија, која остана неутрална и покрај сите политички искушенија на ОАЕ за време на кризата, го вознемирува Абу Даби. И покрај тоа што легитимната Влада на Либија тврди дека алијансата Турција, Тунис и Алжир ја поддржуваат Владата на Триполи, Тунис не дозволи да се користи нивната територија за испраќање воена помош од Турција за Владата на Серак.

Затоа, како резултат на своите интереси, Тунис не е ниту на страната на ОАЕ, ниту на Турција. Но, ОАЕ не можат да го толерираат фактот што Тунис е неутрален. Покрај тоа, средбата на претседателот Саид со претседателот на Државниот совет, Халид ал Мишри, еден од претставниците на легитимната Влада во Либија, честитката на претседателот на тунискиот Парламент, Рашид ал Гануши, до либискиот премиер, Фаиз ес Сараџ, за освојувањето на стратешката база „Ватија“ од милицијата на Хафтар, и средбата на Гануши со Ердоган, по безбедносниот состанок за Либија, ги поттикнаа Обединетите Арапски Емирати да преземат чекори. Тоа што Тунис стана цел на Обединетите Арапски Емирати во најголем дел е поврзано со промената на рамнотежата во Источниот Медитеран. Договорот на Турција со легитимната Влада на Сараџ во Либија, признаена од меѓународната јавност, и обезбедувањето воена помош овозможија рамнотежата во Либија да се промени. Исто така со обезбедената помош од Турција, Хафтар почна да ги губи своите позиции во Либија.

Обединетите Арапски Емирати веќе долго време го поддржуваат Хафтар со финансирање на руски платеници и испраќање воени авиони со муниција. Воената помош и интервенција на Турција, по потпишувањето на договорот со Владата на Сараџ во декември, придонесе источномедитеранските игри да се променат и да станат спротивни на интересите на ОАЕ. Обединетите Арапски Емирати со цел да ја ублажат загубата се обидуваат да го зајакнат Хафтар со вклучување на Тунис во либиската равенка. За ова, исто како и во примерите на Иран - Сирија, како оружје ја користат хуманитарната помош. Всушност, според вестите на „Ал-Кудс ал Араби“, ОАЕ сакаат да му помогнат на Тунис во борбата против коронавирусот.

Телефонскиот разговор меѓу Бин Зајид и Кајс Саид на 14 април донесе контроверзии во внатрешната политика на Тунис. Многу луѓе го толкуваа овој разговор што се случи меѓу двете земји по долги години, дека Зајид, под изговор за хуманитарна помош сака да го вовлече Тунис во либиското мочуриште. Всушност, овој контакт на Бин Зајид со Тунис дојде откако Хафтар ја загуби контролата во регионите на граничната линија Тунис - Либија. Во таа смисла, ако има потреба ќе биде побарано милицијата поддржана од ОАЕ да влезе во Тунис. Но, она што всушност го сака Абу Даби е Тунис, кој е географски блиску до Хафтар, да заземе воена и политичка улога. Според тоа, ОАЕ со користењето на Хафтар на истокот од земјата, а на Тунис на запад, се обидуваат да ја стават во тешка позиција Владата на Триполи. ОАЕ исто така со овие потези сакаат да го оддалечат Тунис од зближувањето со Турција.

Може да се каже дека напорите на Обединетите Арапски Емирати да ја водат туниската внатрешна и надворешна политика преку Гануши, се поврзани со воспоставувањето на регионалниот поредок предвиден од Абу Даби. Во предвидениот регионален поредок се планира пасивизација на исламистичките движења, со економски инструменти за водење на домашната и надворешната политика на земјата и ограничувања на актерите како што е Турција. Нападите на ОАЕ врз северноафриканските земји, вклучително и врз Тунис, исто така, служат на овој план. Затоа напорите на Обединетите Арапски Емирати да се спречи туниското демократско движење со земање на Гануши како цел, не се независни од борбата на политичката елита во ОАЕ против демократските движења во регионот. Исто така нападите на Абу Даби врз Тунис, се дел од неименуваната војна со Турција. Всушност, Абу Даби се обидува да го казни Тунис затоа што не ги поддржува нивните активности во Либија и затоа што соработува со Анкара. ОАЕ користејќи ја финансиската моќ ги користат во последно време социјалните медиуми како оружје против Тунис.

[Мехмет Ракипоглу е асистент за истражување на Одделот за меѓународни односи на Универзитетот „Батман“, а исто така ги продолжува докторските студии на Универзитетот „Сакарја“ на Институт за Блискиот Исток]

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.