Анализа на вести

Лобито за фосилни горива на КОП26 побројно од која било делегација на држава

Повеќе од 500 лобисти за фосилни горива кои се поврзани со некои од најголемите светски загадувачи со нафта и гас, се акредитирани за учество на Самитот за климатски промени КОП26 во Глазгов

Aysu Biçer   | 10.11.2021
Лобито за фосилни горива на КОП26 побројно од која било делегација на држава

АНКАРА (АА) - Доколку лобито за фосилни горива беше претставено преку делегација од некоја земја на Конференцијата на Обединетите нации (ОН) за климатските промени, КОП26, тоа би било најголемата делегација со 503 делегати, покажува анализата на група за човекови права, јавува Агенција Анадолија (АА).

Проценувајќи ја листата на учесници објавена од ОН на почетокот од состанокот, аналитичарите од „Глобал витнес“ (Global Witness) ги избројаа лицата кои се директно поврзани со корпорациите за фосилни горива, вклучувајќи ги „Шел“, „Гаспром“ и БП или кои учествувале како членови на делегациите кои дејствуваат во име на индустријата.

Повеќе од 500 лобисти за фосилни горива кои се поврзани со некои од најголемите светски загадувачи со нафта и гас, се акредитирани за учество на Самитот за климатски промени КОП26 во Глазгов.

Истражувањето покажа дека лобито за фосилни горива на Конференцијата е поголемо од осум делегации заедно од земјите кои се најмногу погодени од климатските промени во изминатите 20 години: Порторико, Мјанмар, Хаити, Филипини, Мозамбик, Бахамите, Бангладеш и Пакистан.

Тие исто така открија дека лобистите за фосилни горива се членови на делегациите на 27 земји, вклучувајќи ги Канада и Русија.

- Компаниите за фосилни горива треба да бидат исклучени од преговорите -

„Присуството на стотици од оние кои се платени да ги промовираат токсичните интереси на компаниите загадувачи со фосилни горива, само ќе го зголемат скептицизмот на климатските активисти кои ги гледаат овие разговори како уште еден доказ за политиката на двоумење и одложување на светските лидери“, изјави Мурај Ворти, лидерот на кампањата од „Глобал витнес“ (Global Witness).

Паско Сабидо, истражувач од Опсерваторијата за корпоративна Европа, ја искоментира анализата и изјави дека компаниите како што се „Шел“ и БП, учествуваат во преговорите, и покрај тоа што отворено признаа дека го зајакнале своето производство на фосилно гориво.

„Доколку сме сериозни во врска со подигањето на амбицијата, тогаш лобистите за фосилни горива треба да се исклучат од преговорите и од нашите национални престолнини“, изјави тој.

Околу 40.000 учесници присуствуваат на КОП26. Бразил на Конференцијата испрати најголем тим од 479 делегати, потоа следуваат Турција со 376 делегати, Демократска Република Конго со 373, Гана со 337 и Русија со 312 делегати.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.