За разлика од САД и Русија, приоритет на Турција во операцијата е безбедноста на цивилите
Турција, за разлика од САД и Русија, во своите операции кои ги спроведува против терористичките организации во прв план ја става безбедноста на цивилите

АНКАРА (AA) - СЕЛЕН ТЕМИЗЕР -
Турција, за разлика од САД и Русија, во своите операции кои ги спроведува против терористичките организации во прв план ја става безбедноста на цивилите, јавува Anadolu Agency (AA).
Турција во сите свои операции против терористичките организации за цел го зема уништувањето на терористичките засолништа, оружјето, возилата и другите залихи, и води сметка за тоа воопшто да не им биде нанесена штета на цивилите, недолжните луѓе и инфраструктурата.
Министерството за одбрана на Република Турција во соопштението во врска со операцијата „Извор на мирот“, која започна на 9 октомври, наведе дека турските сили водат сметка во оваа операција да не им биде нанесена штета на цивилите, но секако ниту на историските, културните и верските споменици и објекти.
Сево ова наведено е потврдено и во преносот во живо на Anadolu Agency од центарот на сирискиот град Тал Абјад, кој 4,5 години беше под контрола на терористите. На снимките кои ги пренесе АА може јасно да се види дека тамошните цивили по доаѓањето на турските сили живеат во мир и безбедност.
- Во текот на операцијата во Африн непречено доставувана хуманитарна помош -
Ваквиот однос на Вооружените сили на Република Турција (TSK) јасно може да се забележи и во текот на операцијата „Маслинова гранка“ во Африн.
По операцијата која е завршена во март 2018 година, со влегувањето во Африн можеше да се забележи дека беа разорени исклучиво терористичките позиции од каде што терористите изведуваа напади врз турската војска.
На објектите како што се џамиите и болниците не беше можно да се забележи трага на ниту еден куршум, а вниманието кое Турција го покажа на тој план, преку своите соопштенија го потврдија и Обединетите нации (ОН) и Црвениот крст. Благодарение на гаранциите на Турција, хуманитарните организации непречено доставуваа хуманитарна помош во Африн.
Гласноговорникот на Кабинетот за координација на хуманитарните работи при Обединетите нации (ОН), Јенс Ларке, на 6 февруари 2018 година изјави дека и покрај фактот што е во тек операцијата „Маслинова гранка“, хуманитарните организации работат без попречување и доставуваат помош.
Таков пример е виден и во операцијата на 23 февруари. Кон Африн се движеа два конвоја, а турските сили ги следеа и двата конвоја. Откако е утврдено дека еден од нив е наполнет со муниција, е уништен, додека другиот конвој со цивили без проблем влезе во Африн.
- Цената на операцијата во Мосул ја платија цивилите -
За разлика од Турција, американската војска на која чувствителноста кон цивилите ѝ е во последен план, во текот на акциите во Ирак и Сирија кои заедно со локалните партнери ги водеше против ДЕАШ, нанесе голема штета на цивилното население и инфраструктурата.
САД, во текот на девет месеци со авиони го бомбардираше ирачкиот град Мосул, кој важеше за упориште на терористичката организација ДЕАШ.
Како резултат на тие операции, градот во октомври во 2016 година е исчистен од терористите, но истовремено е и срамнет со земја. По влегувањето во градот под урнатините се пронајдени бројни тела на цивили.
Високиот ирачки комесаријат за човекови права во март 2019 година објави дека под урнатините на градот се извлечени најмалку 4.720 цивили, од тоа 2.666 деца, додека 2.054 настрадани не се идентификувани.
САД преку поддршката на терористичката организација ЈПГ/ПКК во октомври 2017 година од терористите на ДЕАШ го исчисти и сирискиот град Рака.
Но и Рака е еден од градовите кој е во потполност уништен и зад кој остана пустош. Рака е сириски град кој имаше најголем број цивилни жртви како резултат на американските напади. Масовните гробници кои тајно се отстранети од Рака, најдобро ги покажаа размерите на страдањето на цивилите.
Сириската мрежа за човекови права (SNHR) во својот извештај од 28 март 2019 година објави дека во текот на операцијата во Рака се убиени 2.232 лица, вклучувајќи и 543 деца и 346 жени.
„Амнести интернешнал“ (Amnesty International) на 5 јуни 2018 година објави извештај во кој се наведува дека во текот на операцијата на Рака која ја предводи меѓународната колиција под водство на САД, забележан е голем број цивилни жртви, повикувајќи ги САД, Франција и Британија да ги „признаат цивилните жртви и опсегот на разорување во градот“.
Како резултат на нападите, 560.000 цивили, повеќето од Рака, беа присилени да ги напуштат своите домови.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.