Sibel Morrow
09 Февруари 2020•Ажурирај: 10 Февруари 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Турција никогаш нема да дозволи мирот во регионот да биде нарушен со наводниот мировен план на Соединетите Американски Држави (САД) за Блискиот Исток, таканаречениот „Договор на векот“, порача денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Турскиот претседател испрати порака до 3. Конференција на Меѓупарламентарната платформа за Ерусалим којашто се одржува во главниот град на Малезија, Куала Лумпур.
Во пораката Ердоган го потенцира значењето и важноста на таквата конференција во овој критичен период и додаде дека „таканаречениот „Договор на векот“ со [кој] Ерусалим се признава за главен град на Израел не е ништо повеќе од еден сон што му се заканува на мирот во регионот“. „Ние нема да дозволиме овој сон да се оствари.“
„Ние не го признаваме овој план, што значи анексија на палестинските територии, кој целосно ја уништува Палестина и целосно го зазема Ерусалим. Никогаш нема да го прифатиме овој обид, кој навидум го прифаќа дводржавното решение, но всушност значи легитимизација на израелската окупација под мандатот на американската администрација.“
Таканаречениот „Договор на векот“ американскиот претседател Доналд Трамп го објави на 28 јануари. Тој го вклучува Ерусалим како „неделив главен град на Израел“ и го признава израелскиот суверенитет над поголеми делови од Западниот Брег.
- Ерусалим (Кудс) - црвена линија -
Планот предизвика големи критики од арапскиот свет и беше одбиен од Организацијата на исламска соработка (OIC), која ги повика „сите земји членки да не се вклучуваат во овој план или на кој било начин да соработуваат со американската администрација во неговото спроведување“.
Земјите членки ја повторија потребата од правично и сеопфатно решение што ги штити правата на Палестинците.
Турскиот претседател Ердоган истакна дека Израел неправедно и незаконски стигнал до неговите сегашни граници, додека Палестина со години се соочува со окупација, деструкција и страдање.
Тој рече дека Турција „никогаш нема да молчи на анексијата на Ерусалим или пак да ги заборави своите палестински браќа во оваа борба“.
„Би сакал уште еднаш да нагласам дека Ерусалим е нашата црвена линија. Како муслимански земји, наша најважна одговорност во овој процес е да ја заштитиме џамијата „Ал-Акса“, да го заштитиме Ерусалим како симбол на мирот и да ги браниме правата на Палестинците“, рече Ердоган.
„Политиката што ја водат одредени исламски земји против овој чекор, што е почеток на процес што ќе има влијание на целиот свет, а особено на Блискиот Исток, создаде една тажна слика.“
Ердоган претходно критикуваше одредени исламски земји за испраќањето претставници во Белата куќа за започнување со реализација на планот.