Merve Yıldırım
27 Април 2020•Ажурирај: 27 Април 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - МЕРВЕ ЈИЛДИРИМ –
Во Истанбул, јоргованите кои се предвесници на пролетта, со своите цветови деновиве им даваат прекрасна убавина на обете страни на Босфорот, пишува Агенција Анадолија (АА).
Јоргованите, кои се стар вид дрвја во градот, растат спонтано во Истанбул. Се сметаат за дар на природата на Истанбул. За време на Османлиите за јоргованите се одржувале фестивали, се пишувало поезија и текстови. Со нивните виолетови и розови цветови им даваат уникатна убавина на обете страни на Босфорот.

На анадолската страна на Истанбул јоргованите растат од паркот „Фенербахче“, се протегаат од крајбрежниот пат „Мода“, потоа во Багларбаши, Бејкоз, Ускудар и Кузгунџук. Додека во европскиот дел се појавуваат од Бешикташ, се протегаат кон Куручешме, Јеникој и тврдината Румели и му даваат уникатна убавина на Истанбул.
Јоргованските дрвја не ги привлекуваат само жителите на Истанбул, туку и странските туристи кои го посетуваат градот. Поради новиот вид коронавирус, јоргованите оваа година сами ја дочекаа пролетта.
Потекнуваат од Јужна Европа и Западна Азија, а во Турција јоргованите најмногу ги има во регионите на Егејот и Мармара.

- Освен со убавината, јоргованите привлекуваат внимание и со својата богата историја -
Виолетовите јорговани кои го крунисаа Босфорот, освен со својата убавина, привлекуваат внимание и со својата богата историја.
За јоргованите кои биле симбол на Османлиската Држава, од 14 до 19 век се одржувале разни фестивали. Фестивалите биле нарекувани „Јоргованска заедница“, „Јоргованска пролет“ или „Јорговански празник“. Во османлискиот период, по намалувањето на нивниот број, султанот наредил да се насадат јорговани на Босфорот.
Во османлиско време од силните гранки на јоргованот се правеле бастуни. Во старата истанбулска кујна, познато е дека јоргованските цветови со виолетова и розова боја се додавале во салатите за добивање вкус и боја.