Турција

Шеќерната леблебија е традиција што се пренесува низ четири генерации во турски Текирдаг

- „Овој десерт не е само слатко задоволство, туку носи и длабока културна вредност“, изјави сопственикот на бизнисот, Мехмет Илиџа

Fırat Çakır  | 04.03.2026 - Обновена : 04.03.2026
Шеќерната леблебија е традиција што се пренесува низ четири генерации во турски Текирдаг Fırat Çakır/AA

ТЕКИРДАГ (АА) - Во областа Чорлу во турскиот град Текирдаг, семеен бизнис, кој опстојува веќе четири генерации, ја продолжува вековната традиција на производство на познатата шеќерна леблебија која се подготвува на традиционален начин во бакарни казани, јавува Анадолу.

И покрај напредокот на технологијата и масовното сериско производство, ова семејство останува доследно на рачната изработка, чии корени датираат од османлискиот период, вложувајќи огромен труд за да го зачува овој автентичен вкус од заборавот.

Процесот на производство во бакарни казани бара големо трпение и долгогодишно искуство.

Сопственикот на бизнисот, Мехмет Илиџа, за дописникот на АА изјави дека рецептот за шеќерната леблебија е наследство од неговите предци.

„Овој десерт не е само слатко задоволство, туку носи и длабока културна вредност“, рече тој.

„Се трудиме да го одржиме ова за да не исчезнат нашите традиции. Ние сме четврта генерација. Дедо ми учел од својот вујко, па татко ми, јас и сега моите деца. Се надевам дека и нашите внуци ќе продолжат по истиот пат“, изјави Илиџа.

Се стремат да ја произведуваат шеќерната леблебија на истиот начин како што се правела во османлиско време, иако самиот процес е исклучително макотрпен.

„Овие шеќерни леблебии традиционално се подготвуваат за Рамазан и се консумираат заедно со пченкарен леб и леб со наут. Се јаде лесно, но се подготвува тешко. Шербетот се вари најмалку еден час, потоа уште еден час внимателно се истура, а на крајот се остава да отстои околу една недела. Тоа е долг процес кој бара многу труд“, објаснува тој.

Нагласувајќи дека целото производство се потпира на рачна работа, Илиџа додаде: „Се бориме традициите да продолжат. Речиси и да не остана некој друг што го знае и го прави ова. Со години се трудиме да го доближиме овој вкус на луѓето.“

Синот на Мехмет Илиџа, Ерај Илиџа, потсети дека до 1970-тите години се произведувале тони од овој вид шеќерни леблебии, додека денес производството е фокусирано првенствено на зачувување на културното наследство од заборав.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.