Özcan Yıldırım
15 Септември 2022•Ажурирај: 16 Септември 2022
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за национална одбрана, Хулуси Акар и неговиот азербејџански колега Закир Хасанов разговараа за најновите тензии и смртоносни судири долж границата меѓу Ерменија и Азербејџан, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Акар изјави дека Туркије ќе продолжи цврсто да стои покрај своите браќа од Азербејџан“, се вели во соопштението на турското Министерство за национална одбрана.
Истакнувајќи дека Азербејџан и Туркије се „една нација, две држави“ - стандардна фраза за блиските врски меѓу двете земји - тој посака божја милост за паднатите војници и брзо закрепнување на ранетите.
Азербејџан ја обвини Ерменија за „провокации од големи размери“ во последните денови, велејќи дека диверзантите поставиле мини, а ерменските сили извршиле „интензивно“ пукање врз азербејџанските позиции.
„Акциите на ерменските сили доведоа до конфронтација, со жртви на двете страни, вклучително и 50 азербејџански војници“, соопшти азербејџанското Министерство за одбрана.
Ерменскиот премиер Никол Пашинјан изјави дека загинале 100 ерменски војници.
Односите меѓу поранешните советски републики Ерменија и Азербејџан се тензични од 1991 година, кога ерменската војска го окупира Нагорно-Карабах, територија меѓународно признаена како дел од Азербејџан.
Во есента 2020 година, Азербејџан ослободи неколку града и над 300 населби и села кои беа под ерменска окупација. Борбите завршија со договор со посредство на Русија.