ИСТАНБУЛ (АА) - Челникот на Претседателството на одбранбените индустрии на Турција (ССБ), Исмаил Челик, изјави дека новите американски санкции нема да ги афектираат Министерството за национална одбрана, Турските вооружени сили и одбранбените компании, јавува Агенција Анадолија (АА).
Гостувајќи во уредничкиот деск на Агенција Анадолија, Демир нагласи дека санкциите се насочени само кон владината Агенција на одбранбените индустрии (ССБ), но нема да влијаат на постојните договори што се веќе потпишани.
„Санкциите не се воведени врз земјата, туку само кон една институција во Турција и четири лица“, истакна тој.
Критикувајќи ги санкциите, Демир рече дека тие се наметнати од САД затоа што под водство на претседателот Реџеп Таип Ердоган, Турција одби да им се „поклони на наредбите“.
Соединетите Американски Држави (САД) во понеделникот воведоа санкции кон Турција поради нејзиното купување на рускиот ракетен одбранбен систем С-400.
Санкциите, кои се дел од механизмот на Законот за спротивставување на американските опоненти преку санкции (КААТСА), се насочени кон Претседателството на одбранбените индустрии на Турција (ССБ), кон челникот Исмаил Демир и тројца други официјални претставници.
„Системот за противвоздушна одбрана С-400 што го купи Турција е најдобар во својата класа“, потенцира Демир.
Тој исто така истакна дека американските санкции нема да создадат пречки за Турција, туку ќе ја зајакнат нејзината решителност.
Откако не успеа да постигне договор за купување на американскиот одбранбен систем „Патриот“, Турција пред три години потпиша договор со Русија за купување на системот С-400.
Американските власти негодуваа поради турската набавка на руските системи и тврдат дека тие системи не се компатибилни со системот на НАТО, како и тоа дека отвораат можност за руска саботажа на американските воени авиони Ф-35.
Од друга страна, Турција порача дека системите С-400 нема ни да ги интегрира во НАТО-системите на оружје и дека тоа нема да претставува закана за нејзините сојузници.
Турција повеќепати апелираше за формирање на работна група со цел расчистување на прашањата во врска со техничката компатибилност.