Fatih Hafız Mehmet
24 Октомври 2018•Ажурирај: 24 Октомври 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, изјави дека Турција и Германија презеле многу позитивни чекори за подобрување на нивните односи, јавува Anadolu Agency (AA).
Односите меѓу Анкара и Берлин се затегнати по неуспешниот обид за пуч во Турција во 2016 година, кога турските политичари остро ги критикуваа германските колеги затоа што не успеале да покажат силна солидарност со турската Влада против неуспешниот обид за државен удар.
Анкара го критикуваше Берлин за давање азил на неколкумина пучисти и замижувањето пред терористичките организации како ПКК и ФЕТО, кои ја користат Германија како платформа за нивните активности за собирање средства, регрутирање и пропаганда.
Сепак, двете страни презедоа чекори во текот на изминатите месеци кон подобрување на билатералните односи.
„Ние немаме никакви проблеми со Германија. Таа има проблеми со нас. Но сега, таа сфати дека не може да најде подоверлив партнер од Турција“, изјави Чавушоглу во разговорот за АА.
Чавушоглу изјави дека неодамнешната посета на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на Германија била многу успешна и корисна.
Германскиот министер за економија, Петер Алтмаиер, треба да ја посети Турција во наредните два дена, во придружба на група бизнисмени.
Турскиот министер за надворешни работи изјави дека имало значајно зголемување на бројката на германските туристи во Турција.
Шефот на турската дипломатија рече дека не сака да имаат затегнати односи со ниту една земја.
„Сепак, за жал, европските политичари достигнаа точка, при која популизмот се наоѓа на врвот. Со тоа што ставовите за исламофобијата и ставовите против Турција се обединуваат особено во периодите на избори, ние видовме негативни ставови“, додаде Чавушоглу.
Тој, исто така изјави дека обновениот договор за царинска унија меѓу ЕУ и Турција е во интерес на повеќето од половина од земјите членки на ЕУ.
Осврнувајќи се на односите меѓу Турција и ЕУ, Чавушоглу изјави дека Турција е свесна за потешкотиите.
„Ние знаеме дека постојат пречки, од кои повеќето се политички. Со други зборови, тие не се технички“, рече Чавушоглу.