Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
30 Јули 2022•Ажурирај: 31 Јули 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Туркије, Мевлут Чавушоглу, синоќа изјави дека неговата земја е загрижена поради недоволните напори на Германија во борбата против тероризмот и порача дека Анкара очекува од Берлин конкретни чекори во сузбивањето на активностите на терористите на ПКК, известува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу во Истанбул ја прими шефицата на германската дипломатија, Аналена Бербок, која претходно ја посети соседна Грција.
Шефовите на дипломатии на Туркије и Германија по состанокот одржаа заедничка прес-конференција на која Чавушоглу рече дека Туркије од Европската Унија очекува да ги отстрани политичките препреки за нејзино членство.
„Ја повикуваме Германија внимателно да пристапи кон провокациите и пропагандите на Грција и администрацијата на кипарските Грци. Нагласуваме на неопходна урамнотеженост на ставовите и пристапите“, изјави Чавушоглу.
Чавушоглу рече дека неговата земја е загрижена и поради растечката ксенофобија и исламофобија во Европа.
„Туркије очекува од сојузниците да ги поддржат нејзините напори во борбата против тероризмот, наместо само формално да говорат дека ја разбираат нејзината загриженост“, рече Чавушоглу.
Тој додаде дека Германија мора да се бори, да прави конкретни исчекори и да ги елиминира терористите на ДЕАШ.
Чавушоглу истакна дека актуелната власт на Германија треба да ги сочува урамнотежениот став и пристап кога во прашање е медијацијата меѓу Анкара и Атина во контекст на прашањето за Егејското Море и Источен Медитеран, баш како што го имала во периодот на Владата на поранешната канцеларка Ангела Меркел.
„Затворањето на очите пред кршењето на човековите права во Грција претставува кршење на меѓународниот закон“, рече Чавушоглу за повеќегодишните акции на Грција против турското малцинство.
Тој укажа и на важноста на заштитата на цивилите, како и на животот на мигрантите во Егејското Море, и притоа ја осуди практиката на грчките сили кои ги потиснуваат мигрантите од своите граници и ги оставаат во животна опасност на отворено море.
„Грција ги крши принципите вооружувајќи го островите во Егејското Море, а ЕУ стои настрана само затоа бидејќи е членка на Европската Унија, што исто така е спротивно на меѓународните нормативи“, предупреди Чавушоглу.
Германската министерка за надворешни работи Бербок ја пофали Туркије за згрижувањето на импресивниот број сириски бегалци.
Бербок изјави дека огромен успех претставува тоа што е постигнат договор за извоз на жито меѓу Украина, Русија, ОН и Туркије, и дека тоа претставува светилник на надеж за спречување на глобалната прехранбена криза.
„Она што вашата влада го постигна е светилник на надеж за голем број луѓе кои се во опасност од глад. Поради тоа ви изразувам големо почитување“, рече Бербок.
Шефицата на германската дипломатија Бербок рече дека терористичката организација ПКК претставува реална закана.