Nilay Kar
29 Јануари 2018•Ажурирај: 29 Јануари 2018
AНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, изјави дека САД избрале погрешен партнер во борбата против терористичката група ДЕАШ во Сирија, алудирајќи на терористичката организација ЈПГ/ПКК пренесува Anadolu Agency (AA).
Во колумна објавена во „Њујорк тајмс“ (New York Times), Чавушоглу напиша: „Американското потпирање на ЈПГ е самонанесена грешка, затоа што САД ja имаат Турција како способен парнер“.
„Не се сомневаме дека САД ќе ја увидат штетата што оваа политика му ја нанесува на кредибилитетот на сојузот на НАТО и ќе ја коригираат повторно својата политика преку ставање на своите сојузници и долгорочните интереси повторно во прв план“.
Тој изјави дека, сепак, Турција не може да си дозволи да ги чека можните и неизбежни корекции на политиката.
„Давањето поддршка и разбирањето за загриженоста на Турција во однос на безбедноста, не ги отстранува тие закани и опасности“, вели тој.
Нарекувајќи го ДЕАШ „заеднички непријател“, Чавушоглу изјави: „Победата над групата не беше можна без активниот придонес на Турција“.
Во колумната, Чавушоглу говори за причините поради кои Турција и САД се наоѓаат во еден ќорсокак .
„Создадена е безизлезна ситуација меѓу нас, поради изборот на погрешен партнер на САД во оваа војна (група што американската Влада ја прогласи за терористичка организација). Таканаречените единици за заштита на народот или ЈПГ, едноставно се забранета терористичка организација на Курдистанската работничка партија (ПКК) со друго име“, рече тој.
„Групите имаат усвоено различни имиња и развиени сложени структури, но тоа не ја покрива нивната реалност“.
Тој рече дека терористите на ЈПГ/ПКК во границите на Ирак и Сирија користат оружје и обука обезбедена од САД.
„Сојузник на НАТО којшто вооружува терористичка организација и напаѓа друг сојузник, претставува фундаментално прекршување на сето она за коешто НАТО се залага. Тоа е политичка аномалија што треба да се поправи“, додаде тој.
- Операција „Маслинова гранка“ -
Споменувајќи го зголемувањето на заканите поставени од камповите на ЈПГ и ДЕАШ во Сирија, тој напиша: „Моравме да дејствуваме, така што Турција ја започна операцијата „Маслинова гранка“ против терористите во Африн“.
Нагласувајќи дека операцијата има јасна цел, тој рече: „Цел се терористите, нивните засолништа, нивното оружје и поврзаната инфраструктура. Турската армија дејствува со најголема претпазливост, за да избегне нанесување штета на цивилите“.
„Турција ќе продолжи со операцијата додека не го исчисти регионот од терористите. Турција нема да се согласи на создавање сепаратистички енклави или терористички засолништа кои ја загрозуваат нејзината национална безбедност и се противат на волјата на сирискиот народ“
„Од почетокот на операцијата 'Маслинова гранка' неутрализирани се најмалку 597 терористи на ПЈД/ПКК и ДЕАШ“, се вели во соопштение на турскиот Генералштаб.
Африн е главно засолниште на терористите на ПЈД/ПКК од јули 2012 година, кога режимот на Башар ал Асад во Сирија го препушти на терористите без никаков отпор.
„Зачувувањето на територијалниот интегритет на Сирија претставува клуч за мировните напори“, напиша Чавушоглу.
„Расчистувањето на терористите значи отворање простор за мир. Ние се стремиме за иднина ослободена од терористички ентитети, имплодирани соседи, војни и хуманитарни катастрофи во регионот“, нагласи тој.
„Турција заслужува почит и поддршка од САД во оваа значајна борба“, додаде министерот за надворешни работи.