Sibel Uğurlu
25 Март 2019•Ажурирај: 26 Март 2019
АНКАРА (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) го игнорираат меѓународното право преку признавање на израелскиот суверенитет над окупираната Голанска Висорамнина, истакна турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, јавува Anadolu Agency (AA).
„САД повторно го игнорираа меѓународното право, но, оваа одлука никогаш нема да ја легитимизира израелската анексија“, порача Чавушоглу преку социјалната мрежа Твитер.
Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп потпиша претседателски декрет со кој официјално ја призна стратешката висорамнина на границата со Сирија како израелска територија за време на состанокот со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Белата куќа.
Трамп рече дека окупираните територии се „потенцијално тло за покренување напади врз Израел".
Осудувајќи го потегот, Чавушоглу истакнува: „[Одлуката] ќе ги попречи мировните напори на Блискиот Исток и ќе придонесе за ескалирање на тензиите во регионот.“
Израел долго време лобираше САД да го признаат правото на Израел врз Голанската висорамнина, но сите минати администрации одбија да ги послушаат повиците.
Израел зазема околу две третини од Голанската Висорамнина како резултат на шестдневната војна во 1967 година. Таа направи потег на формално анектирање на територијата во 1981 година - потег едногласно одбиен од страна на Советот за безбедност на ОН.