Nilay Kar
11 Јуни 2019•Ажурирај: 12 Јуни 2019
АНКАРА - Во телефонски разговор шефовите на дипломатијата на Турција и Исланд, Мевлут Чавушоглу и Гудлагур Тор Тордарсон, денеска разговараа за несоодветното однесување кон турските фудбалери кои авионски допатуваа во Исланд викендов, јавува Anadolu Agency (AA).
Според дипломатски извори, Чавушоглу, во разговорт му нагласил на Тордарсон дека однесувањето на исландските службеници кон турската репрезентација на аеродромот е неприфатливо.
Службениците на аеродромот ги држеа членовите на турскиот национален тим три часа при пристигнувањето на Меѓународниот аеродром во Кефлавик во неделата, по повод квалификацискиот меч на УЕФА Еуро 2020, а нивниот личен багаж бил детално прегледан.
„Бидејќи официјално барање за брза безбедносна проверка на фудбалерите беше поднесено на 16 мај преку дипломатски канали, а истото е повторено на 6 јуни, играчите требаше да бидат пропуштени побрзо“, истакнаа турски дипломатски извори за АА.
Освен од Чавушоглу, инцидентот предизвика осуда и од турското Претседателство, како и од партиските лидери.
Турскиот тим, во квалификациите за УЕФА Евро 2020, денеска ќе се соочи со Исланд на стадионот „Лаугардалсволур“.