ТАШКЕНТ/АНКАРА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, денеска изјави дека неговите посети во Туркменистан и Узбекистан биле од голема корист, пријателски и ориентирани кон резултати, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи пред новинарите на АА и ТРТ, Чавушоглу се осврна на неговата посета во централноазиските земји која беше реализирана од 6 до 9 март.
Нагласувајќи дека состаноците во двете земји биле одржани во исклучително искрени околности, Чавушоглу изјави: „За единството, солидарноста и соработката со туркискиот свет, [земјите домаќини] ги видовме како многу чувствителни и конструктивни, особено во прашањата поврзани со енергетиката, трговските коридори и транспортот.“
„Би сакал да нагласам дека иако посетите беа искрени од една, беа исто така ориентирани кон резултати и исклучително корисни од друга страна“, додаде тој.
На прашањето во врска со соработката во полето на одбраната, Чавушоглу изјави дека Узбекистан е заинтересиран за производите на одбранбената индустрија на Турција и работи со различни турски компании.
Чавушоглу понатаму ја коментираше целта утврдена за финализирање на повластениот трговски договор меѓу Турција и Узбекистан: „Преговорите се во тек, доколку можеме да постигнеме договор, тогаш сакаме да го потпишеме на Самитот.“
„Сакаме да ги започнеме преговорите за договор за слободна трговија веднаш по потпишувањето. Секако, постојат чувствителни производи за двете страни, па така преговорите може да траат долго, но ќе направиме да започне преференцијалниот трговски договор“, додаде тој.
- Реформски процес во Узбекистан -
Истакнувајќи ја поддршката на Турција кон реформскиот процес во Узбекистан, министерот Чавушоглу рече: „Претседателот на Узбекистан, Шавкат Мирзијоев, прави сериозни реформи во земјата од денот кога ја презеде функцијата и сака да направи повеќе.“
„При секоја посета“, рече тој, „гледа како се развива земјата, особено градовите Бухара, Самарканд и Ташкент.“
Чавушоглу рече дека Мирзијоев соработува со меѓународните институции, особено со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).
„Ние исто така го поддржуваме овој процес. Всушност, експерти и консултанти во различни области беа назначени од Турција. Тие исто така тесно соработуваат со нив. Ние ги споделуваме нашите искуства“, додаде тој.
- Туркменистан -
Високиот турски дипломат понатаму се осврна на неговата посета на Туркменистан и рече дека статусот на земја со „вечна неутралност“ не е пречка за билатералните односи со Турција.
„Политиката на неутралност не е политика што ги попречува нашите билатерални односи. Таа е политика што се однесува на членството на некои организации или нивните мислења и ставови за одредени прашања, но не претставува пречка за нашите билатерални односи“, рече Чавушоглу.
На неговата посета во Туркменистан, Чавушоглу се состана со лидерот на земјата, Гурбангулу Бердимухамедов и неговиот колега Рашит Мередов.
Тој рече дека лидерот на Туркменистан ѝ дава простор на Турција.
„На пример, додека земјата е затворена за сите летови, туркменистанските официјални претставници велат дека ќе му дозволат на „Туркиш ерлајнс“ да започне со летови во нивниот град Туркменабад“, изјави тој.
Иако на возачите на камиони исто така не им е дозволено да минуваат низ Туркменистан поради пандемијата, Чавушоглу рече дека земјата ќе им дозволи на турските возачи на камиони да поминат, но откако ќе направат тест за присуство на коронавирусот, пред да заминат од Азербејџан, и уште еден тест по пристигнувањето на пристаништето Туркменбаши.
За можното учество на Турција во заедничко истражување и развој на јаглеводороди од страна на Азербејџан и Туркменистан во полето Достлуг (Пријателство) во Каспиското Море, Чавушоглу рече дека во наредните денови треба да се одржат трилатерални состаноци и самити.
„Исто така, Самитот Турција - Туркменистан и Самитот Турција - Туркменистан - Азербејџан треба да се одржат со присуство на претседателот Реџеп Таип Ердоган“, изјави Чавушоглу пред новинарите.
„Постои нафта и гас што треба да се извлечат од ова поле. Им рековме: ’Нашите компании TPAO (Турската нафтена корпорација) и БОТАС (корпорација за нафтоводи во Турција) се подготвени за соработка.‘ Потоа, тука е прашањето за овие богатства на гас и нафта што треба да се транспортираат на меѓународните пазари и Турција“, изјави Чавушоглу.
„Се разбира, постојат значителни гасоводи што веќе работат тука. Тие ќе се користат преку Турција. За ова разговаравме на трилатералниот состанок на министри за надворешни работи. Затоа, постои можност за соработка во секоја смисла“, додаде тој.
Чавушоглу се осврна и на трговските осноси и туризмот меѓу Турција и Узбекистан.
„Ќе бидеме многу подобри за пет години и ќе достигнеме обем на трговска размена од 5 милијарди долари. Можеби ќе ја постигнеме оваа цел порано. Ние сме први во инвестициите. Ќе има многу повеќе инвестиции. Земјата се развива, ќе се развива многу повеќе“, изјави Чавушоглу.