Behlül Çetinkaya,Nazlı Yüzbaşıoğlu
29 Април 2021•Ажурирај: 03 Мај 2021
АНКАРА
Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, истакна дека нема да направат компромис за независноста и сувереноста на Турската Република Северен Кипар, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу одржа заедничка прес-конференција со претседателот на Турската Република Северен Кипар, Ерсин Татар, по завршувањето на неформалната конференција за Кипар одржана под водство на Обединетите нации (ОН) со учество на земјите гаранти во форматот 5+ОН.
Турскиот министер потсети дека лидерот на грчката администрација на Јужен Кипар, Никос Анастасиадис, на состанокот истакнал оти кипарските Турци како држава и народ нема да бидат суверено еднакви.
„Тој ги одби и предлозите на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, и рече дека нема да ги прифатат“, рече Чавушоглу.
Според него, покрај напорите на Гутереш и Велика Британија која на состанокот учествуваше како земја гарант, за наоѓање заедничко мислење, не е формирана заедничка основа за започнување нови преговори.
„По ова, генералниот секретар нагласи дека сака уште неколку месеци на неформален начин да го продолжи овој процес. Исто и ние ја поддржавме оваа одлука. Предлогот за неформалниот формат 5+ОН беше наш предлог. Во наредниот процес ќе продолжиме со нашиот цврст став“, истакна тој.
„Ќе продолжиме да даваме многу силна поддршка за визијата и предлогот за дводржавно решение врз основа на суверената еднаквост на Турската Република Северен Кипар“, рече Чавушоглу.
„Нема да направиме компромис за независноста, суверенитетот и еднаквоста на Турската Република Северен Кипар. Доколку тоа се исполни, тогаш би можело да се преговара како ќе соработуваат двете држави во иднина. Ако не се исполни, тогаш нашиот пат ќе го продолжиме заедно со Турската Република Северен Кипар“, додаде шефот на турската дипломатија.