ИСТАНБУЛ (АА) - Министрите за надворешни работи на земјите членки на Организацијата за исламска соработка (ОИС), се собраа во Истанбул неколку часа пред почетокот на вонредниот Самит на кој ќе биде осудено израелското убивање на Палестинци во Појасот Газа и префрлувањето на Американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим (Кудс), јавува Anadolu Agency (AA).
Зборувајќи на подготвителниот состанок на министрите за надворешни работи за вонредниот Самит на ОИС, турскиот шеф на дипломатијата Мевлут Чавушогу, „срамните инциденти“ во Ерусалим, ги нарече „конечен крах“. Тој нагласи дека она што се случило во Појасот Газа, длабоко ги растажува сите, додавајќи дека никој кој има совест, не може да остане нем пред срамната слика во Газа.
„Мораме да обезбедиме израелската власт и израелските војници кои оружјето го свртеа кон беспомошните луѓе да одговараат за своите постапки“, нагласи Чавушоглу.
Тој рече дека министрите за надворешни работи се собрале за да работат на содржината на конечната декларација, која би требало уште еднаш да го нагласи посебниот статус на Ерусалим (Кудс).
„Во декларацијата на крајот од Самитот ќе објавиме дека нема да дозволиме каква било промена на историскиот статус на Ерусалим. Како заедница во солидарност, мораме да испратиме најсилна реакција за злосторствата против човечноста во Израел“, истакна турскиот министер за надворешни работи.
На состанокот учествуваат шефовите на дипломатиите од 15 земји, меѓу кои од Иран, Бангладеш, Казахстан, Саудиска Арабија, Либија, Азербејџан, Тунис, Либан, Ирак, Египет... Генералниот секретар на ОИС, д-р Јусеф бин Ахмад Ал-Отаимен, во воведното обраќање рече дека тоа што Израел го сторил долж границата со Газа е „воено злосторство и злосторство против човештвото“.
„Пукањето во невиниот палестински народ претставува сериозно кршење на меѓународните права, што во потполност претставува воено злосторство и злосторство против човештвото, според Римскиот статус на Меѓународниот кривичен суд. Она што го стори Израел е еден вид агресија за која би требало да одговара“, рече Ал-Отаимен.
Тој го одобри барањето на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, за отворање меѓународна истрага за неодамнешните случувања во Појасот Газа.
„Го поддржуваме барањето на генералниот секретар на ОН за отворање независна и транспарентна истрага за агресијата на израелските окупаторски сили и нивната намера за отворање оган врз невооружените цивили. Меѓународна заштита на палестинскиот народ стана итна потреба, бидејќи Советот за безбедност на ОН, пропушти да даде осуда на израелскиот масакр, што е срамота за нашиот цивилизациски свет“, истакна Ал-Отаимен.
Преселбата на Американската амбасада во Ерусалим ја нарече кршење на „меѓународното право“ и нагласи дека таквиот потег довел до погрешна ситуација, на што од ОИС претходно во повеќе наврати предупредувале. Се очекува на Самитот во Истанбул, кој го свика турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, да биде упатена порака против израелското насилство, кое разултираше со најмалку 62 убиени Палестинци на протестите во Појасот Газа на 14 мај.
Најмладата жртва беше осуммесечно бебе. Исто така, се очекува учество на голем број шефови на држави и влади, вклучувајќи ги и палестинскиот премиер Рами Хамдалах, јорданскиот крал Абдулах II, иранскиот претседател Хасан Рохани, авганистанскиот претседател Ашраф Гани, кувајтскиот емир Сабах ал-Ахмад ал-Џабар и мавританскиот претседател Мохамад Велед Абдулазиз. Овој настан би требало да помогне во формирањето единствен став против израелското насилство.
Се планира заедничката декларација да биде објавена по Самитот. Во понеделникот на 14 мај, денот кога Израел прогласи независнот, кој Палестините го одбележуваат како Накба („Голема катастрофа“) и почеток на палестинскиот егзодус од страна на Израел, израелските војници отворија оган врз протестантите кои протестираа против отворањето на Американската амбасада во Ерусалим, убивајќи најмалку 62 Палестинец и ранувајќи 3.188 лица.
news_share_descriptionsubscription_contact
