Büşra Nur Bilgiç Çakmak
02 Октомври 2020•Ажурирај: 03 Октомври 2020
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, денеска изјави дека за Азербејџан да се договори за прекин на огнот, Ерменија мора да ги повлече своите сили од окупираните азербејџански територии, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на заедничката прес-конференција со неговиот италијански колега Луиџи ди Мајо, Чавушоглу изјави дека Турција се солидаризира со Азербејџан во неговата борба за окупираните територии на Нагорно Карабах.
„Доколку меѓународната заедница сака да направи нешто во врска со Нагорно Карабах, мора да ја натераат Ерменија да го напушти азербејџанското тло“, изјави тој.
Пограничните судири избија откако ерменските сили започнаа напади врз азербејџанските цивилни населби и воените позиции во регионот, познат како Нагорно Карабах.
Парламентот на Азербејџан, по пограничните прекршувања и напади од страна на Ерменија во окупираниот регион Нагорно Карабах, прогласи воена состојба во некои градови и области.
Азербејџан во понеделникот прогласи делумна воена мобилизација.
Односите меѓу двете поранешни советски нации се тензични од 1991 година, кога ерменската војска го окупираше Нагорно Карабах, меѓународно призната територија на Азербејџан.
Четири резолуции на Советот за безбедност на ОН и две резолуции на Генералното собрание на ОН, како и многу меѓународни организации, бараат повлекување на окупациските сили.
Групата Минск на ОБСЕ, со која копретседаваат Франција, Русија и САД, беше формирана во 1992 година, со цел изнаоѓање решение за конфликтот, но досега без резултат. Издејствувано е примирје во 1994 година.
Франција, Русија и НАТО, меѓу останатите, апелираат на итен прекин на судирите во окупираниот регион.