Zuhal Demirci
18 Септември 2020•Ажурирај: 19 Септември 2020
АНКАРА
Министерот за надворешни работи на Република Турција Мевлут Чавушоглу рече дека во Министерството за надворешни работи е повикан грчкиот амбасадор Мишел-Кристос Диамесис поради наслов во грчкиот весник „Демократиа", во кој за претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, се користени тешки навреди и пцости, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу за актуелни теми говореше за Агенција Анадолија.
Во таа пригода се осврна и на насловот на грчки весник во врска со претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган.
„За жал, денес еден грчки весник даде крајно презирен наслов. Ние ја покажавме потребната реакција. Грчкиот амбасадор го повикавме во министерството и на најостар начин реагиравме", рече Чавушоглу.
Додаде и дека амбасадорот на Република Турција во Атина, Бурак Озугерин, денеска се состанал со министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас.
„Ова всушност, за жал, покажува дека се полни со презир. Не треба да се спуштаме на такво ниво. Во нашите весници, нашите медиуми понекогаш ги критикуваат грчките политичари или некој друг политичар, понекогаш тоа се остри критики. Во рамките на медиумските слободи и нас не критикуваат. Тоа е природно. Понекогаш критиките се поостри, жал ни е, но и тоа се случува. Тоа може да биде во рамките на медиумските слободи, но навредите никако не би смееле да бидат во рамките на медиумските слободи", смета Чавушоглу.
Тој ја позрави реакцијата на Министерството за надворешни работи на Грција кое наведе дека оваа ситуација нема врска со медиумските слободи и остро ја осуди.
„Доколку тоа не го поврзуваат со медиумските слободи, тогаш се должни и од правен аспект да го направат потребното", рече Чавушоглу.
Додаде и дека Директоратот за комуникации реагирал.
Шефот на турската дипломатија се осврна и на кипарското прашање.
„Ние повеќе пати повторивме дека нема да преговараме за федерација", рече Чавушоглу и додаде дека нема да се впуштаат во авантури кои нема да дадат резултати.
„Ние не можеме да почнеме каде застанавме. Не е можно преговорите да ги почнеме од каде почнаа (преговорите) во Кран Монтана. Тие преговори се завршени, не успеаа. Бесмислено е да се впуштаме во авантура која ќе биде неуспешна", истакна Чавушоглу.