Muhammet Tarhan,Nazlı Yüzbaşıoğlu,Behlül Çetinkaya
29 Март 2022•Ажурирај: 30 Март 2022
АНКАРА/ИСТАНБУЛ (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, во врска со преговарачкиот состанок на руската и украинската делегација во Истанбул, истакна дека зближувањето меѓу страните е зголемено во секоја фаза, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот Чавушоглу даде изјава по завршувањето на состанокот меѓу делегациите на Русија и Украина, што се одржа во палатата „Долмабахче“ во Истанбул.
Шефот на турската дипломатија рече дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган од почетокот на кризата води интензивна дипломатија, особено со претседателите на двете земји, и потсети дека на 10 март во Анталија се сретнаа рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, и украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба.
Тој истакна дека веднаш по оваа средба по инструкција на претседателот Ердоган ги посетил Лавров и Кулеба.
Чавупоглу нагласи дека денеска во Истанбул се состанаа преговарачките делегации на двете страни, и дека отворањето на средбата од страна на претседателот Ердоган е показател за важноста што Турција им ја придава на двете земји и на мирот.
„Задоволни сме што гледаме дека денес зближувањето меѓу страните е зголемено во секоја фаза. Со големо задоволство придонесуваме и го поддржуваме овој процес. Како што нагласувавме секогаш, главен приоритет е да се постигне прекин на огнот што е можно поскоро и да се отвори патот за трајно политичко решение“, нагласи Чавушоглу.
Повикувајќи на прекин на војната што доведе до смрт на илјадници луѓе и до раселување на милиони луѓе, Чавушоглу рече: „Постигнат е консензус и заедничко разбирање за некои прашања. Најзначаен напредок е постигнат денес од почетокот на преговорите. Гледаме дека потешките прашања ќе се решаваат на повисоки нивоа. Предвидено е министрите за надворешни работи на двете земји да се состанат и да го дадат конечниот облик на договорот. Потоа на дневен ред ќе дојде средбата на претседателите на двете земји.“
Чавушоглу нагласи дека и денес имале одвоени разговори со страните исто како и во Анталија, и дека ги охрабриле двете страни што поскоро да постигнат прекин на огнот.
- „Свесни сме за довербата што ни се дава и за нашата одговорност“ -
Турскиот министер истакна дека на средбите разговарале и за прашањата за хуманитарна помош и отворање хуманитарни коридори, и дека досега од Украина евакуирале повеќе од 16.500 турски државјани.
Чавушоглу рече дека се работи во координација со страните и меѓународните организации за евакуација и на другите турски државјани и на граѓаните на трети земји.
„Го отворивме и прашањето за излезот и безбедноста на нашите бродови заглавени во регионот. Денешните разговори се показател за довербата на страните во Турција, како и на претходните состаноци. Свесни сме за довербата што ни се дава и за нашата одговорност. Посветени сме на запирање на крвопролевањето, воспоставување прекин на огнот и постигнување траен мир. Ќе продолжиме со нашите напори во координација со меѓународната заедница“, додаде Чавушоглу.