Ekipa
24 Јуни 2019•Ажурирај: 25 Јуни 2019
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, во однос на купувањето на рускиот систем за воздушна одбрана „С-400“ од страна на Турција рече дека системот е веќе купен и дека веќе се зборува за тоа кога „С-400“ ќе биде предаден на Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
„Каква и да има одлука за санкции, или пак, без разлика каква изјава ќе дојде од САД, ние „С-400“ гo купивме и веќе се зборува за тоа кога „С-400“ ќе бидe предаден на Турција“.
Чавушоглу и министерот за надворешни работи и за меѓународна соработка на Руанда, Ричард Сезибера, одржаа заедничка прес-конференција во Министерството за надворешни работи, по билатералните и разговорите на делегациите на двете земји.
Министерот Чавушоглу, истакнувајќи дека претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, и претседателот на САД, Доналд Трамп, ќе се сретнат на маргините на самитот Г-20, рече дека на средбата ќе се разговара за одлуката на САД да се повлечат од Сирија, за заедничката комисија, за формирањето безбедносна зона за повлекувањето, за прашањето за Идлиб и за многу други теми.
Чавушоглу истакна дека Турција е партнер во програмата за „Ф-35“ и дека досега обезбедила финансиски придонес од над 1 милијарда долари, и додаде дека чекорите што ги преземаат САД не се во согласност со договорот за партнерство и со правото.
Нагласувајќи дека има потешкотии да го разбере ставот на САД кон „С-400“, нагласи:
„Република Турција е слободна и независна држава. Република Турција веќе не е земја која кога ќе рече Америка или некоја друга земја, ќе купи или пак, нема да купи некој производ. Значи, без оглед каква одлука ќе има за санкции, или пак, без разлика каква изјава ќе дојде од САД, ние „С-400“ го купивме и веќе се зборува за тоа кога „С-400“ ќе биде предаден на Турција. Се работи на тоа“, потенцираше Чавушоглу.
Тој истакна дека не е можно Турција да се откаже од овој процес и од купувањето на „С-400“, затоа што на Турција под итно ѝ е потребен систем за воздушна одбрана.