Mehmet Şah Yılmaz
16 Август 2021•Ажурирај: 16 Август 2021
АЛЖИР (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, ги поздрави односите на Турција со Алжир, велејќи дека двете држави делат слични ставови за прашањата поврзани за Либија, Тунис и Палестина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во обраќањето пред новинарите по состанокот со алжирскиот претседател Абделмаџид Тебонеу, Чавушоглу изјави дека Турција ќе ја продолжи соработката и солидарноста со Алжир со цел регионален мир и стабилност.
„Нашите ставови се совпаѓаат со Алжир за регионалните прашања, без разлика дали станува збор за Либија, Тунис, настаните во регионот Сахел, вклучително и палестинското прашање“, рече турскиот министер за надворешни работи.
Во рамките на посетата на Алжир, Чавушоглу во саботата се состана и со алжирскиот колега Рамтане Ламамра.
Двајцата претставници одржаа прес-конференција на која Чавушоглу рече дека Турција и Алжир дополнително ги зајакнуваат билатералните односи и ќе ја прошират соработката за регионалните прашања.
Чавушоглу, исто така, по состанокот во Алжир, обраќајќи се на Меѓународниот аеродром „Оран“ пред да се врати дома, рече дека Турција ги презела неопходните мерки во врска со своите дипломатски мисии во Авганистан.
„Ги презедовме неопходните мерки. Турската амбасада ги продолжува своите активности во главниот град на Авганистан, Кабул“, рече тој.
Тој истакна дека тие се во контакт со службениците во Авганистан со цел да се гарантира безбедноста на нивните граѓани.
Портпаролот на талибанците, Забихула Муџахид, изјави дека почнале да ја преземаат контролата врз градот и јавните објекти откако владините сили го напуштија главниот град на Авганистан, Кабул.
Муџахид на својот твитер-профил објави дека сакаат мирно да го заземат главниот град и затоа не употребиле сила, но владините сили ја напуштиле областа и ги евакуирале зградите.
Истакнувајќи дека почнале да ја преземаат контролата врз центарот и јавните објекти за да спречат евентуални инциденти и грабежи, Муџахид рече дека „ќе гарантира безбедност во градот“.
Авганистанскиот претседател, Ашраф Гани, денеска ја напушти земјата со авион од аеродромот во Кабул.
По преземањето на сите главни провинциски центри и гранични премини, талибанците вчера започнаа да влегуваат во предградијата на главниот град на Авганистан, Кабул.
Брзиот напредок на талибанците предизвика паника и страв во центарот на Кабул од каде што Американската војска го евакуираше персоналот на Амбасадата.
Портпаролот на талибанците, Муџахид, претходно преку Твитер истакна дека талибанците нема да користат сила за да ја преземат контролата врз центарот на Кабул. Авганистанската влада, исто така, рече дека започнуваат преговорите за мирно предавање на власта на преодната администрација.
Талибанците започнаа офанзива во мај, кога американскиот претседател Џо Бајден го потврди заминувањето на последните странски сили од земјата, 20 години по интервенцијата во која беше соборена Талибанската влада, бидејќи одби да го предаде Осама бин Ладен, водачот на Ал Каеда.