АНТАЛИЈА (АА) - По повод 8 Март, Светскиот ден на жената, Турција во 20 земји од светот извезе цвеќе во вредност од 5 милиони долари, јавува Anadolu Agency (AA).
Исмаил Јилмаз, претседател на Управниот одбор на Унијата на извозници на декоративни растенија и производи, за АА изјави дека по порачките по повод 14 Февруари, Денот на заљубените, работата повторно им е интензивирана и речиси 20 дена со големо темпо работеле за да ги исполнат нарачките по повод 8 Март, Светскиот ден на жената.
Велејќи дека вчера ги испратиле последните нарачки по повод Светскиот ден на жената, Јилмаз рече: „Во 20 земји испративме 35 милиони цвеќиња и очекуваме приход од околу 5 милиони долари. Најголем извоз имаме во Украина, Романија и Бугарија. Денот на жените повеќе се слави во земјите од Источниот блок. Таков ентузијазам нема во земјите од западниот дел на Европа.“
Јилмаз рече дека поради климатските услови, годинава е забележан пад во производството на цвеќиња. Поради намаленото производство, а зголемените побарувачки, тој истакна дека цветните производи добиле на цена.
Осврнувајќи се на извозот, Јилмаз истакна дека годинава ќе се постигне приход приближен на минатогодишниот, додавајќи дека 70 отсто од секторот кој врши извоз потекнува од Анталија.
Како дел од секторот на цвеќарство, Јилмаз информираше дека произведуваат повеќе од 100 производи, но претежно извезуваат каранфили, додавајќи дека различните видови цвеќе се пласираат на пазарот во Турција. Тој истакна дека по повод 8 Март, побарувачката претежно е за каранфили.
- Влијанието на политиката врз продажбата на цвеќето
Исмаил Јилмаз информираше дека половината од она што се извезува во странство, годинава го пласирале на внатрешниот пазар во Турција, додавајќи дека за тоа големо влијание имаат изборите во Турција, закажани за 31 март.
Јилмаз рече дека политичарите го користат „јазикот на цвеќето“ и истакна: „Цвеќето е убав симбол. Политичарите наместо да лепат плакати наоколу, претпочитаат на избирачите да им даруваат цвеќе, бидејќи кога некому ќе му подарите каранфил, врската се зацврстува, создавајќи јазик на љубовта.“
- Среќа носат цвеќињата одгледани од турските жени
Нурије Ѓул (41), која веќе 18 години работи во овој сектор, рече дека многу сака да се занимава со цвеќињата.
„Ние ги одгледуваме цвеќињата кои ќе им подарат среќа на жените од светот. Среќна сум и јас опкружена со ова цвеќе секој ден“, изјави Ѓул.
Сонѓул Аташ, која 10 години работи во секторот со цвеќиња, изјави дека животните потреби во домот и потребите на нејзините деца ги задоволува од работата со цвеќето.
Аташ рече дека задоволство ѝ причинува работата што ја извршува и додаде дека завиткувајќи го цвеќето, го отфрла стресот. „Ни причинува задоволство фактот дека цвеќето што го одгледуваме, ќе стигне во рацете на жените од различни земји“, рече Аташ.
Земјоделскиот инженер Доњуш Улаш рече дека е во секторот на цвеќарството од 2003 година наваму.
Улаш заедно со своето семество работела во една фирма на сечење на цвеќињата, а подоцна ги завршила своите студии и во истата фирма започнала да работи како земјоделски инженер.
Истакнувајќи дека и нејзиниот сопруг работи во истиот сектор, Улаш рече: „Цвеќето поседува јазик на љубов и толеранција. Го правиме среќен човекот кому му даруваме цвеќе. Поради фактот дека ние секојдневно сме опкружени со цвеќе, цвеќињата што ги добиваме во посебни денови нас не нѐ прават среќни, но затоа ние ќе ги усреќиме жените од светот“.
news_share_descriptionsubscription_contact
