Esra Tekin
01 Март 2024•Ажурирај: 01 Март 2024
ИСТАНБУЛ (АА) – Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан денес изјави дека Дипломатскиот форум во Анталија ќе се фокусира на решенијата за кризите кои му се закануваат на светскиот мир и безбедност, особено на „тековниот масакр“ во Газа, јавува Анадолу.
Под покровителство на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, и под раководство на турското Министерство за надворешни работи, денес во Анталија започна третиот Дипломатски форум со главната тема: „Подигнување на дипломатијата во услови на кризи“.
„За време на форумите и дискусиите еден на еден организирани како дел од настанот, ќе ги оцениме методите за справување со кризите кои претставуваат закана за глобалниот мир и безбедноста, со посебен фокус на тековниот масакр во Газа“, истакна Фидан преку платформата X.
„Заедно со учесниците од целиот свет ќе разговараме за тоа како можеме да придонесеме за поправедна, помирна и попросперитетна иднина со користење на сите алатки на дипломатијата“, додаде турскиот министер.
„Форумот ќе понуди можност за истражување на различни теми, од посредување до миграција, од новите технологии до обезбеденоста со храна, од тероризмот до одржливиот развој“, рече Фидан.
„Форумот ќе собере широк спектар на учесници, од дипломати и политичари до студенти, академска фела, граѓански организации и бизнис-заедницата“, додаде тој.