Burak Bir, Seda Sevencan
18 Септември 2021•Ажурирај: 20 Септември 2021
МЕРСИН (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган соопшти дека првата единица на нуклеарната централа „Акују“ ќе биде завршена до мај 2023 година, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на голема церемонија на отворање во јужната турска област Мерсин, Ердоган ја истакна важноста на нуклеарната енергија за иднината на земјата.
„Би сакал да им честитам на оние што придонесоа за реализацијата на оваа стратешка инвестиција во Акују“, рече тој, додавајќи дека Турција има за цел да изгради повеќе електрани.
Истакнувајќи дека вкупно 13.000 инженери (10.000 турски и 3.000 руски) работат на завршување на електраната, Ердоган рече дека објектот се гради со најновата и најбезбедна технологија што постои во тоа поле.
„Објектот во Акују ќе придонесе за нашиот развој со електричната енергија што ќе ја произведува, за нашата животна средина со намалувањето на емисиите на јаглерод диоксид и за нашите постигнувања во оваа област со својата технологија“, рече Ердоган.
Турција и Русија потпишаа договор за изградба на нуклеарната централа „Акују“ на 12 мај 2010 година. Првата турска нуклеарна централа ќе се состои од четири реактори со вкупна инсталирана моќност од 4.800 мегавати.