Турција, економија

Ердоган: Турција достигна клучен праг остварувајќи еден отсто удел во светскиот извоз

Ердоган им се обрати на учесниците на 28. редовно заседание на Собранието на турски извозници и церемонијата на доделување награди на најдобрите турски извозници

Gökhan Ergöçün  | 18.09.2021 - Обновена : 19.09.2021
Ердоган: Турција достигна клучен праг остварувајќи еден отсто удел во светскиот извоз Фото: Arif Hüdaverdi Yaman/AA

ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција достигнала клучно важен праг остварувајќи еден отсто удел во светскиот извоз, јавува Агенција Анадолија (АА).

Ердоган им се обрати на учесниците на 28. редовно заседание на Собранието на турски извозници и церемонијата на доделување награди на најдобрите турски извозници.

Тој истакна дека Турција ќе преземе нови чекори за да им помогне на извозниците од земјата, вклучително и отстранување на барањето за безбедносни депозити, реструктурирање на турската „Ексимбанка“ и формирање нов саемски центар.

„Додека нашите бизнисмени произведуваат, извезуваат и обезбедуваат вработувања, сите ќе можеме да гледаме кон иднината со доверба“, рече Ердоган.

На настанот, производителот на автомобили „Форд“ беше прогласен за најголем извозник во Турција, по кој следуваат уште два производители на автомобили, „Тојота Турција“, за производство на мотори, и Ојак Рено.

Ердоган соопшти дека ќе се формира фонд за развој на извозот со придонес од извозниците со цел да се отстрани потребата извозниците да обезбедат безбедносни депозити.

Тој, исто така, рече дека „Ексимбанка“ во Турција ќе се преструктурира и зајакне.

Ердоган додаде дека наскоро ќе биде оформен нов саемски центар.

Тој истакна дека извозот не значи само заработка на пари, и дека трговијата не е само продажба и купување стоки, туку извозниците се и претставници на Турција во културните и општествените односи.

„Зголемениот удел на високата технологија во извозот на земјата, зголемениот број извозници со над 1 милијарда долари годишен извоз, и сè поголемиот број работни места во компаниите за извоз, покажуваат дека Турција е на вистинскиот пат“, рече турскиот претседател.

„Минатата година, и покрај пандемијата, Турција покажа добри достигнувања, а земјата е во подобра позиција оваа година достигнувајќи историски високи бројки месечно, квартално, полугодишно и годишно“, истакна тој.

Тој рече дека во август извозот на земјата се зголемил за 52 отсто во однос на истиот период лани и ги достигнал највисоките бројки за август во историјата на републиката.

„Се надевам дека земјата во септември ќе го достигне нивото на извоз од 20 милијарди долари“, додаде Ердоган.

Ердоган, исто така, рече дека успешниот извоз станал извор на национална мотивација во Турција.

„Одлучни сме да направиме сè што треба да го заземеме местото што ѝ припаѓа на Турција во новиот светски систем, а токму тоа јасно ќе го кажам и во вторник во Америка на седницата на Генералното собрание на Обединетите нации“, порача Ердоган.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.