Турција

Турција ја одбележува 87-годишнината од смртта на Ататурк

- Денес во Турција сe одбележува 87 годишнината од смртта на Мустафа Кемал Ататурк, основачот на модерна Република Турција, со официјална државна церемонија во Аниткабир, неговиот мавзолеј во главниот град Анкара

Utku Şimşek  | 10.11.2025 - Обновена : 10.11.2025
Турција ја одбележува 87-годишнината од смртта на Ататурк

АНКАРА (АА) - Денес во Турција сe одбележува 87 годишнината од смртта на Мустафа Кемал Ататурк, основачот на модерна Република Турција, со официјална државна церемонија во Аниткабир, неговиот мавзолеј во главниот град Анкара, известува Анадолу.

На церемонијата присуствуваа турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, претседателот на Парламентот, Нуман Куртулмуш, членови на Кабинетот, лидери на политички партии, високи судски претставници и воени команданти.

Претседателот Ердоган положи венец од црвени и бели каранфили во облик на турското знаме на гробот на Ататурк.

Во 9:05 часот по локално време, време на смртта на Ататурк, учесниците одржаа едноминутно молчење, по што беше интонирана националната химна. За време на оддавањето на почитта, турското знаме беше спуштено на половина копје.

Потоа претседателот Ердоган придружуван од официјалните лица, се упати кон Националната кула „Мисак-и Мили“, каде што оддавајќи им почит на Ататурк и неговите соборци, се потпиша во Спомен-книгата на „Аниткабир“.

„Страсно ја заштитуваме Република Турција, која Вие ја нарековте Ваше 'најголемо дело' и продолжуваме да го красиме секој сантиметар од нашата земја со нови достигнувања“, напиша Ердоган.

„Под водство на компетентни и квалификувани кадри, Турција напредува со сигурни чекори на својот пат кон тоа да стане глобална сила“, додаде тој.

Ататурк беше прв претседател на Републиката до 10 ноември 1938 година, кога почина во Истанбул на 57-годишна возраст од цироза.

Турскиот народ традиционално го посетува мавзолејот на Ататурк секој 10 ноември за да му оддаде почит на основачот на Република Турција.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.