ИСТАНБУЛ (АА) – Турција денес ја одбележува 569-годишнината од освојувањето на Истанбул, поздравувајќи ја како значаен почеток на нова ера.
Космополитскиот град Истанбул бил опколен 28 пати низ историјата пред неговото освојување во 1453 година од страна на османлискиот султан Мехмед II.
Како признание за неговата победа, 21-годишниот владетел по тоа станува познат како Мехмед Освојувачот.
Првите ѕидини на градот се изградени во 657 пр. н. е. Римскиот император Септимиј Северус (193-211) ги срушил овие ѕидини за време на инвазијата на градот и изградил ѕид кој завршувал во близина на Аја Софија, вклучувајќи го и Сарајбурну, а подоцна и плоштадот Султан Ахмет.
За време на владеењето на Константин (306-337), градот – од брегот на Мраморното Море до Златниот Рог – по трет пат бил опкружен со градски ѕидини.
- Патот до освојувањето -
Сите подготовки за освојувањето на Истанбул биле завршени во Едрене, западно од Истанбул. Мехмед II тргнал од Едрене.
Венецијанскиот командант Бартоломео Солиго, борејќи се за Византијците, го затворил влезот на Златниот Рог преку поставување синџир на влезот до неговото внатрешно пристаниште.
Мехмед II и османлиската војска се приближиле до Константинопол. Армијата броела речиси 80.000 војници. Опсадата започнала со истрелување од голем топ.
Османлиската морнарица дошла пред пристаништето во Константинопол. Морнарицата се состоела од 145 бродови, вклучувајќи 12 галии и 25 транспортни бродови, како и мали чамци.
Османлиските бродови биле преместени до Златниот Рог. Капетанот Џоркомо Коко, кој имал задача да ги запали османлиските бродови кај Златниот Рог, не успеал и починал во својот брод што тонел.
Бродовите нападнале за да го кренат синџирот на влезот на Златниот Рог, но нападот не успеал. Додека траеле нападите врз ѕидините на Истанбул, бил копан тунел како начин да се влезе во градот.
Кога во градот се слушнале звуци од ископувањата, тоа го забележале Византијците и го блокирале тунелот.
Мехмед II испратил последен пратеник кај императорот, но неговата понуда била одбиена. Не успеал и седмиот тунел што го ископале османлиските војници. Мехмед II заклучил дека копањето тунели ќе одземе многу животи.
Османлиската војска започнала со офанзивата во раните утрински часови на 29 мај. Османлиите го извеле последниот напад во три фази. Во првите два часа нападнати се ѕидините, потоа во нападот се вклучиле анадолските трупи.
На крај се приклучиле јаничарите - столбот на војската. Конечно, утрото, османлиските војници успеале да влезат низ влезот Керкопорта и го подигнале османлиското знаме на бастионот над вратата.
Мехмед II влегол во градот попладнето на првиот ден од освојувањето. Тој отишол во Аја Софија - сега џамија - се помолил и рекол: „Отсега, мојот трон е Истанбул.“
Константинопол е освоен по опсада што траела 54 дена во интервали.
Освојувањето доведе до крајот на 1058-годишната Византиска Империја, доведе до крајот на периодот на Средниот век и го направи Истанбул нов главен град на Османлиското Царство.
- Денот кога Истанбул повторно се роди -
Илхами Даниш, историчар од истанбулскиот Универзитет „Фатих Султан Мехмед“, за АА рече дека градот бил клучна цел и логистички и стратешки бидејќи поврзаноста на Османлиското Царство од Анадолија до Румелија (Балканот) и остатокот од Европа главно била преку Галиполи (Гелиболу, кај Чанаккале).
Даниш рече дека освојувањето било важно и за продолжување на османлиските освојувања во Европа и за контрола на сообраќајот меѓу Средоземното Море и Црното Море.
Феридун Емеџен, декан на Факултетот за литература при Универзитетот „29 Мај“ во Истанбул, ја истакна стратешката локација на Истанбул, додавајќи дека градот има големо религиозно значење и за христијаните и за муслиманите.
„Со освојувањето на Истанбул од страна на Мехмед II се роди нова империја, а Мехмед II на некој начин стана основач на Отоманската Империја со освојувањето на Истанбул. Затоа, освојувањето, кое претставува пресвртница, има големо значење за турската историја“, истакна Емеџен.
Тој рече дека освојувањето на Истанбул довело до перцепција за закана измешана со страв кај западниот свет.
„По освојувањето, во западниот свет почнале да се упатуваат повици за формирање нова крстоносна војска“, додава Емеџен.