15 Јули 2019•Ажурирај: 15 Јули 2019
АНКАРА (АА) - По повод третата годишнина од неуспешниот обид за воен удар, низ Република Турција денеска се одбележува Денот на демократијата и на националното единство, јавува Anadolu Agency (AA).
Со различни манифестации ќе им биде оддадена почест на шехидите и граѓаните на Турција, кои на денешен ден 2016 година храбро пружија отпор и ги спречија терористите на ФЕТО во намерата да ја соборат легитимната власт во земјата.
Турскиот Парламент денес ќе одржи посебна седница по повод сеќавање на спречувањето на пучот, а на седницата ќе присуствува и турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган.
На босфорскиот „Мост на шехидите од 15 јули“, денес ќе биде свечено отворен и Музеј на сеќавање на 15 јули, а турскиот претседател Ердоган ќе се обрати и на собирот на истанбулскиот аеродром „Ататурк“.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за државен удар во Турција, во ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), чие испорачување Турција формално го побара од САД.
Припадниците на оваа терористичка организација со години преку местење на испитите напредувале во службата, на тој начин инфилтрирајќи се во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, припадниците на ФЕТО во правосудството на Турција преку наместени процеси се обидоа да процесуираат голем број високи функционери поради наводна корупција.
Неколку години подоцна следуваше и крвавиот обид за пуч на терористите на ФЕТО, кога на 15 јули 2016 година офицерите во турската Војска лојални на таа терористичка организација започнаа државен удар.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека станува збор за глобална мрежа, која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна, а на тоа во повеќе наврати укажаа и турските официјални лица. Во текот на обидот за пуч во Турција загинаа 251 лице, а околу 2.200 беа повредени.
Судовите во Турција за обидот за воен удар започнаа вкупно 289 постапки, од кои пресуди се изречени во 265 случаи, а судењата траат за уште 24 случаи. За предавничкиот обид за пуч обвинителствата во Турција спроведоа над 100.000 истражни постапки.
Судењата се завршени за 265 случаи во кои се осудени вкупно 3.664 обвинети, меѓу кои 2.260 се осудени на казна доживотен затвор и 1.404 се осудени на затворски казни во траење од една до 20 години. Во завршените судски парници ослободени се вкупно 2.609 лица.
Меѓу осудените на доживотен затвор се и 1.206 лица осудени на повеќекратни доживотни затворски казни, вклучувајќи и 17 осудени на по 141 казна доживотен затвор. На повеќекратна доживотна казна осудени се 71 поранешен генерал, 813 поранешни офицери и 172 подофицери кои учествуваа во крвавиот обид за пуч.