Burak Akay
18 Март 2020•Ажурирај: 19 Март 2020
ЧАНАККАЛЕ (АА) - Низ Турција денеска на различни начини се одбележува Денот на сеќавање на шехидите (загинатите херои) и 105. годишнина од поморската битка кај Чанаккале, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во Европа попозната како Битката на Галиполе, таа е една од најкрвавите и најжестоки битки во Првата светска војна, но по многу показатели и во историјата воопшто.
Поморската битка што се водеше помеѓу 3 ноември 1914 година и 18 март 1915 година кај Галиполе, како и копнената битка која се водеше на Галиполе од 25 април 1915 година до 9 јануари 1916 година, се битки кои го заземаат најважното место во Турција, а и во историјата на сите муслимански народи во овој дел од светот.
Иако без масовни собири поради актуелните мерки за превенција од ширењето на коронавирусот, Денот на шехидите и годишнината на Поморската битка на Галиполе денеска се одбележани во поголемиот дел на турските градови во кои делегации положија венци на спомен-обележјето посветено на хероите кои ги положија животите како шехиди на Галиполе.
Делегацијата предводена од гувернерот на областа Чанаккале, Орхан Тавли, положи венец на спомен-обележјето на Мустафа Кемал Ататурк на Плоштадот на Републиката.
Со церемонијата со интонирање на турската химна и подигање на знамето е оддадена почест на шехидите на Чанаккале.
Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, им оддаде почит на шехидите на Чанаккале и рече дека оние кои не знаат што се случило на местото пред еден век, не можат да ја разберат борбата со која се соочува Турција со денешните предизвици и закани.
Ердоган во пораката по повод Денот на шехидите и 105. годишнина од поморската битка на Галиполе наведе дека тоа е еп за херојството и храброста која турскиот народ ја испишал со патриотизам, заедништво и слога.
„Битката кај Чанаккале е славна битка што ни покажува што може да се стори со посветената борба на народот за одбрана на независноста, честа и татковината, без оглед на потешкотиите. Тоа беше една од пресвртните точки во нашата национална историја и најавувач на Војната за независност“, истакна Ердоган.
Укажувајќи на братството, слогата и единството на турскиот народ, кои беа клучен фактор во победата во Чанаккале, Ердоган рече дека духот на Чанаккале претставува своевидна најава на победа во секоја чесна борба во која народот е обединет.
Ердоган им оддаде почит на сите шехиди и борци кои учествуваа во борбите во Чанакале, вклучувајќи го и воениот командант и основач на модерната Република Турција, Кемал Ататурк.