Leyla Ataman Koyuncuoğlu
23 Февруари 2018•Ажурирај: 24 Февруари 2018
АНТАЛИЈА (AA) - ЛЕЈЛА АТАМАН КОЈУЏУОГЛУ - Турција, која минатата година ја посетија 39,9 милиони туристи, се најде на 6. место меѓу најпосетените земји во светот, јавува Anadolu Agency (AA).
Според анализите направени од страна на новинарите на АА врз основа на податоците од Светската туристичка организација при Обединетите нации (СТООН), минатата година 1 милијарда 322 милиони луѓе од целиот свет биле во посета на странска земја. Околу 42 отсто од нив преферирале 10 земји.
Франција минатата година беше најпосетувана земја со 88,9 милиони луѓе. Следува Шпанија со 82,2 милиони, САД со 72,9 милиони. Четврта е Кина со 59,3 милиони, додека Италија е петта со 57,8 милиони туристи.
Турција во 2017 година со 39,9 милиони странски посетители беше шеста земја што го привлече вниманието на странските туристи. По Турција, доаѓаат Мексико со 39,3 милиони туристи, Англија со 38,7 милиони туристи и Германија со 37,6 милиони туристи.
- „Можеме да стигнеме до 45 милиони до крајот на 2018 година“ -
Претседателот на Здружениетo на туристички хотелиери и оператори на Медитеранот (AKTOB), Еркан Јагџи, рече дека по двете изминати тешки години, туризмот во Турција доживеа пресврт во 2017 година и доби значителен интензитет.
Јагџи, потсетувајќи дека најголем број туристи е забележан во 2014 година кога Турција ја посетија околу 41,4 милиони странски посетители, го додаде следното: „Можам да кажам дека оваа година добро започна, дури можеме да ја надминеме бројката од 2014 година. Се надевам дека до крајот на 2018 година ќе дојдеме до бројка од 45 милиони странски туристи во Турција“.
Претседателот на AKTOB истакна дека е забележан сериозен пораст и кај внатрешниот туризам.
„Турција е земја со население од 80 милиони луѓе. Имаме околу 50-55 милиони граѓани кои имаат потенцијал да патуваат. Ова создава сериозен пазар на ресурси. За Турција, туризмот е национален сектор. Како туристичка држава, сакаме нашите граѓани да одат на одмор. И капацитетите и цените се многу погодни за ова. Ние сакаме нашите граѓани да одат на одмор неколку пати годишно, да дадат свој придонес во летниот и зимски туризам. Ова е многу важно за одржливоста на секторот“, рече тој, потенцирајќи дека домашниот туризам, исто така, сериозно расте.
Според податоците на СТООН, најпосетени земји во 2017 во споредба со претходната година се следните:
| Држава | 2016 (милион лица) | 2017 (милион лица) | Промена (процент) |
| Франција | 82,6 | 88,9 | 7,6 |
| Шпанија | 75,6 | 82,2 | 8,7 |
| САД | 75,6 | 72,9 | -3,6 |
| Кина | 59,3 | 59,3 | 0 |
| Италија | 52,4 | 57,8 | 10,3 |
| Турција | 30,3 | 39,9 | 31,7 |
| Мексико | 34,9 | 39,3 | 12,6 |
| Англија | 35,8 | 38,7 | 8,1 |
| Германија | 35,6 | 37,6 | 5,6 |
| Тајланд | 32,6 | 34,7 | 6,4 |