Halil Fidan
27 Февруари 2017•Ажурирај: 01 Март 2017
ШАНЛИУРФА (АА) - Црната роза (Караѓул) е уникатна и е редок вид на роза што расте исклучиво во областа на турската област Шанлиурфа, во местото Халфети. Во Турција започна проект за зачувување на видовите што сѐ поретко се наоѓаат во оваа област, јавува Anadolu Agency (AA).
Розата од Халфети е посебна, бидејќи има црна боја и уникатен мирис. Всушност, тоа е цвет со многу темна боја на вино, кој во текот на летото поради специјалната текстура на почвата и подземните води на реката Еуфрат станува целосно црна.
Со изградбата на браната „Биреџик“, беше поплавено селото што беше главно природно живеалиште на црната роза, а еколошките промени доведоа до целосен прекин на одгледувањето на овој вид.
Локална компанија што се занимава со одгледување рози во Шанлиурфа, користејќи современи техники, започна проект за производство на овој цвет во стакленици, а цветовите потоа ќе бидат понудени на светскиот пазар.
Проектот е поддржан од страна на турската Дирекција за земјоделско истражување.
При производството на црната роза, компјутерски ќе биде следен нејзиниот развој, наводнувањето и ѓубрењето.
Раководителот на компанијата, Серхан Ишикан изјави дека се придава големо значење на истражувањето, развојот и технологијата и дека постои соработка со универзитетите.
Ишикан додаде дека станува збор за тригодишен проект со кој ќе се опорави развојот на црната роза и дека негова цел е да се заштити формата на розата.
Тој истакна дека во план е да се произведе нов вид на црна роза, и додаде дека домашните и странските купувачи покажуваат голем интерес.
„Познато е дека халфетската роза во текот на пролетта и есента цвета во речиси црна боја. Нашите очекувања и цели на крајот од проектот се лансирање на нов вид црна роза чиј цвет ќе биде во црна боја и ќе цути во парковите и градините во форма на грмушка во текот на целата година“, рече Ишикан.