Veysel Kara
01 Ноември 2017•Ажурирај: 02 Ноември 2017
ЃУМУШХАНЕ (АА) - ВЕЈСЕЛ КАРА - Урнатините на Санта во истoчната црноморска област, кои се значајно културно наследство на Турција, веќе половина век се потонати во тишина, откако грчкото население мигрираше од регионот по Договорот за размена на населението меѓу Турција и Грција, а локалното население замина во други места од економски причини.
Урнатините на Санта се наоѓаат во селото Думанли, на 72 километри од центарот на турскиот град Ѓумушхане, и во себе содржат уникатни дела на грчката архитектура.

Во овој регион, којшто изобилува со археолошки и природни убавини, а познато е дека е изграден во 17 век од страна на Грците, постојат еднокатни градби од камен, а во секоја населба има најмалку една црква и во секоја улица една чешма.
Директорот за култура и туризам, Хусејин Атеш, во изјава за АА истакна дека урнатините на Санта во 1999 година биле прогласени за археолошки локалитет од прво ниво и трето ниво од страна на Советот за заштита на културното наследство во Трабзон.

Атеш информираше дека Грците кои живееле во регионот, по освојувањето на териториите на грчко-понтската држава од страна на Османлиското царство, се населиле особено во регионот на урнатините на Санта. Тој додаде дека во регионот околу 1700-тата година и потоа активно живееле Грците.
Исто така, Атеш пренесе дека урнатините на Санта се составени од 7 соседства. „Во годините 1700-1900, во регионот живееле околу 5.000 жители. Местото било многу активно, постојат голем број продавници за накит и пазари. Особено како резултат на размената во почетокот на 1900-тите години, регионот е целосно испразнет поради миграцијата на Грците. Потоа нашите граѓани дошле тука, купиле места и се населиле. Нашите граѓани по 1950-тите години мигрирале од тука поради различни причини. Во последните 50 години, овој регион е мирен и е препуштен на својата судбина“, истакна тој.

„Скриен рај“
Атеш вели дека Грците кои по размената на населението меѓу Турција и Грција мигрирале во Грција, овој регион го нарекувале „скриен рај“. „Во Санта можете да забележите дека архитектурата вo седумте соседства е иста. Во регионот преовладува изедначен изглед, било да станува збор за примери од грчката архитектура, или за природни убавини. Исто така, регионот поседува извонредна природна убавина“, истакна Атеш.
Укажувајќи на важноста на урнатините на Санта од аспект на туризмот, Атеш вели дека посетителите можат да ги забележат трагите на грчко-понтската цивилизација.

Тој истакна дека верува оти во рамките на проектот „Зелен пат“, урнатините ќе бидат една од најзначајните туристички точки. „Санта ја забележуваме како едно од најбогатите места. Локација што најмногу го привлекува вниманието на луѓето покрај планинскиот пат од Артвин кон Самсун. Ќе направиме сѐ едно вакво историско наследство да се пренесе на идните генерации. Ова место мора да го посетат љубителите на природата, како и тие кои имаат интерес за културно-историското наследство“, додаде Атеш за АА.