Aybüke İnal
11 Јуни 2020•Ажурирај: 12 Јуни 2020
АНКАРА
Од Анкара денеска полета воен транспортен авион со медицинска опрема која Турција ја испрати на Авганистан за потребите во борбата против ширењето на коронавирусот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Турција на тој начин ја продолжува кампањата за помагање на земјите кои од неа бараат помош во екот на пандемијата на Ковид-19, а неодамна шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, изјави дека таквата помош е испратена во 125 земји.
Контигентот со помош кој го подготви и во Авганистан го испрати Министерството за здравство на Турција, меѓу останатото, содржи десет респиратори, регулатор на кислород, дефибрилатор, небулизатор, 3 ПЦР-уреди, 30.000 Ковид-19 ПЦР-дијагностички сетови, 25.000 маски Н95, 50.000 хируршки и заштитни маски и пакети со друга медицинска и лабораториска опрема.
Помошта во Авганистан ја превезува товарен авион А400M на Турските вооружени сили, кој полета од базата Етимесгут и лета кон Кабул.
На пакетите со помош, покрај знамињата на Турција и Авганистан, е испишан и стих на Мевлан Џелалудин Руми: „Има многу надеж зад безнадежноста, има многу сонце зад темнината“.
Авионите на турската војска на сличен начин помош во медицинска опрема доставија до 125 земји од светот, вклучувајќи ги Италија, Шпанија, Северна Македонија, Велика Британија, САД, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Косово и Сомалија.