Meryem Göktaş
06 Јануари 2019•Ажурирај: 07 Јануари 2019
КАРС (АА) - Илјадници луѓе се собраа денес во источна Турција на маршот организиран по повод сеќавање на загинатите херои во Битката кај Сарикамиш, во Првата светска војна, јавува Anadolu Agency (AA).
Маршот започна од Кизилчубук, во турската област Карс, каде што започна и битката против руската Кавкаска армија во 1914 година, и ја одбележува 104-годишнината од битката, во која, поради голем студ починаа речиси 90.000 османлиски турски војници.
Учесниците на маршот пешачеа два километра за да стигнат до почетната точка на маршот со турски знамиња и транспаренти, на кои пишуваше „Турција маршира со загинатите херои“.

На маршот се придружија и турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, министерот за млади и спорт, Мехмет Мухарем Касапоглу и министерот за индустрија и технологија, Мустафа Варанк.
Говорејќи на церемонијата, Сојлу нагласи дека турската нација е свесна за наследството што паднатите борци ѝ го оставија на земјата.
„Денес станавме нација која најмногу им помага [на луѓето кои се во потреба]“, додаде тој.
Турскиот министер за индустрија и технологија, Мустафа Варанк, исто така, им одаде почит на паднатите војници.
„Сарикамиш (Битката кај Сарикамиш) нѐ научи на многу лекции“, рече тој, додавајќи дека земјата треба уште повеќе да се зацврсти во области како што се науката, технологијата и индустријата за да им помогне на младите генерации да ја направат Турција посилна.
Осврнувајќи се на маршот, министерот за млади и спорт, Мехмет Мухарем Касапоглу, рече дека паднатите борци, кои од цела Турција зеле учество во битката, го претставуваат единството на земјата.
„Целиот свет треба да знае дека ова единство и солидарност ќе продолжат без да ја разнишаат одлучноста“, додаде тој.
Низ Турција денес се одржаа и други церемонии по повод сеќавање на Битката на Сарикамиш од Првата светска војна.