Aykut Karadağ
18 Февруари 2022•Ажурирај: 19 Февруари 2022
АНКАРА
Републичкото обвинителство во Анкара денеска издаде налог за приведување на најмалку 114 лица осомничени за инфилтрирање на елементи на терористичката организација ФЕТО во рамките на Генералната команда на турската жандармерија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на турското Обвинителство се вели дека Канцеларијата за борба против тероризмот во Анкара претходно спровела две одделни истраги за инфилтрирани елементи на ФЕТО во Командата на жандармеријата и цивилната администрација.
Истрагата идентификуваше 99 високи имиња познати како „имами на ФЕТО“ во Командата на жандармеријата, меѓу кои 73 претходно суспендирани и 26 лица во моментов вработени во приватниот сектор.
Втората истрага идентификуваше 15 „имами на ФЕТО“, вклучително и 7 претходно суспендирани јавни функционери за кои се веруваше дека се одговорни за членовите на ФЕТО/ПДЈ инфилтрирани во цивилната администрација.
Врз основа на наведените истраги, утринава е распишана потерница за 114 лица, а акциите на приведување се во тек во Анкара и во уште 44 турски градови.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД) и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на терористичката организација, со години, преку местење на испитите напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, припадниците на ФЕТО, со монтиран процес за наводна корупција, во правосудството на Турција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обидот за пуч, што го изведоа офицерите на ФЕТО инфилтрирани во турската војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа, која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските претставници. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа 2.734 лица.