Muhittin Sandıkçı
15 Јули 2021•Ажурирај: 15 Јули 2021
РИЗЕ (АА) - Спасувачките екипи денеска ги пронајдоа телата на четири лица кои загинале во свлечиштата и поплавите до кои дојде како последица на обилните врнежи од дожд во подрачјето на Ризе, североисточна Турција, со што бројката на починати се зголеми на шест, јавува Агенција Анадолија (АА).
Поројните врнежи од дожд што вчера напладне започнаа во подрачјето на Ризе предизвикаа поплави и свлечишта. При лизгање на почвата во месноста Ѓунејсу се урна браната што се наоѓала на падините. Спасувачките екипи при расчистувањето на теренот, од свлечиштето ги извлекле безживотните тела на три лица кои се наоѓале во дрвената куќарка.
Голем број екипи, кои продолжија со операциите за пребарување и спасување, го најдоа безживотното тело на лицето кое било пријавено за исчезнато во месноста Мурадие.
Со последните жртви, бројката на починати во поплавите и свлечиштата се зголеми на шест.
Од друга страна, непрекинато продолжуваат потрагите по едно лице во местото Мурадие и едно лице во селото Тепебаши во месноста Ѓунејсу, кои се водат за исчезнати од минатата вечер.
Доцна синоќа е пронајдено телото на една жена под урнатините на уништената зграда во местото Орта Махале во подрачјето на Мурадие, а утрово на сто метри од сопствениот дом пронајдено е и телото на претставник на локалната власт на селото Асмалиирмак во подрачјето на Ѓунејсу.