Abdullah Söylemez,Hüseyin Yıldız
02 Февруари 2021•Ажурирај: 03 Февруари 2021
ИГДИР/АГРИ (АА) -
ХУСЕЈИН ЈИЛДИЗ/АБДУЛАХ СОЈЛЕМЕЗ – Во источна Анадолија е поздравена информацијата дека планината Арарат, највисоката планина во Турција, повторно ќе биде отворена за искачување, пишува Агенција Анадолија (АА).
Планината Арарат, со својата височина од 5.137 метри, е исчистена од тероризмот со ефективните операции во регионот. Информацијата дека планината Арарат од 4 февруари ќе биде отворена за планинарски туризам ги воодушеви граѓаните на Турција, особено оние што живеат во источна Анадолија.
Голем број планинари кои работат во регионот и некои туристички компании започнаа да подготвуваат програми за активности на планината Арарат, што треба да се отвори за туризам.
Исто така и локалните жители ги чекаат деновите кога планината Арарат, еден од најважните туристички ресурси во регионот, ќе биде отворена за искачување.
Градоначалникот на Агри, Савџи Сајан, во изјавата за Агенција Анадолија (АА) рече дека отворањето за туризам на планината Арарат по долго време е многу значајно за нив и за мирот и безбедноста на земјата.
Истакнувајќи дека планината досега не е отворена за искачување поради тероризмот, градоначалникот Сајан рече: „Отворањето на планината Арарат за искачување, во време кога теророт е пред колапс и кога во областа доминираат безбедносните мерки, е исклучително значајно за туризмот во Турција и Агри.“

Истакнувајќи дека безбедносниот проблем е решен и дека симболичното искачување е од голема важност во смисла да му се покаже на светот колку е значајна планината Арарат, Сајан нагласи:
„Официјалното отворање на планината Арарат за искачување е значајно и од аспект на туризмот и од аспект на безбедноста. Ако ја разгледаме безбедносната димензија, важно е за довербата на луѓето дека безбедноста е во ред. Исто така е значајно и за надворешните инвеститори и за туристичката индустрија во регионот. Отворањето на планината Арарат за искачување ќе покаже дека терористичките активности во Турција стигнаа до нулта точка и дека нема никаков ризик од тероризам. Довербата е многу важна за туризмот. Искачувањето има психолошко значење кај населението. Планината Арарат сама по себе е капитал. Тоа е најголемиот капитал на Турција. До денеска не искористивме од таа ризница и капитал. Искачувањето е искра за големиот планински проект Арарат. Овој проект ќе даде голем придонес за развојот на економијата и туризмот во Турција и развојот на Агри. Ова богатство не можевме со години да го користиме поради внатрешни и надворешни причини.“
- „Важна вест за сите планинари во Турција“ -
Претседателот на Клубот за култура и природа во Игдир, Мухамед Аккуш, истакна дека веста дека планината ќе биде отворена за искачување се проширила за кратко време и дека има позитивни коментари.
„Ова е многу добра вест. Добра вест за сите планинари во Турција. Планината Арарат долго време е затворена за планински туризам. Сите жалиме што со години не можеме да се искачуваме на оваа прекрасна планина. Отворањето е значајно за планинарите што ќе доаѓаат од земјата и од странство. Ќе доведе до туристички бум. За планината Арарат не треба да се размислува само како искачување на врв. Планината Арарат е скриен рај. Планината Арарат, што ќе се отвори за туризам, со своите водопади, езера, кратери, скриени шуми, илјадници диви животни, ќе биде од големо значење за Турција“, рече Аккуш.
- „Размислуваме да ја отвориме и северната рута“ -
Волкан Микјас, еден од членовите на Планинарскиот клуб „Алпинизам и спортови на отворено“, истакна дека искачувањето на планината Арарат се одвива од две познати патеки.
Наведувајќи дека едната патека е во Догубејазит, а другата во Игдир, Микјас рече: „Многу сме среќни од добрата вест дека планината Арарат ќе се отвори за искачување на 4 февруари. Со нашите пријатели тука покрај патеката Догубејазит, размислуваме и за отворање на рутата Игдир, всушност тоа е северната рута. Многу сме среќни. Ги чекаме сите. Веруваме дека ќе имаат добри спомени оние што ќе дојдат тука.“
Мурат Аккуш, еден од алпинистите, истакна дека ги започнале подготовките веднаш по добивањето на добрата вест.
„Од 2021 година, во согласност со студиите на нашето министерство, планината Арарат официјално се отвора за планинарење и туризам. Пред отворањето ние започнавме со нашите тренинзи. Планината Арарат е многу важна и за Турција и за светот. Сите алпинисти во светот сакаат да се искачат на врвот на планината Арарат“, нагласи планинарот Мурат Аккуш.